Реакција на текстот „ЕДЕН ПРЕДЛОГ ЗА РАДИКАЛНО РЕШЕНИЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО (ИЛИ КОГА ВЕЌЕ СЕ СЛИКАМЕ ПО ТЕЛЕВИЗИИ)" од доц. д-р Трајче Стојанов
Почитуван помлад колега Стојанов,
Ме радува што и Вие како помлад колега ја увидувате состојбата и јавно истапувате со Вашите ставови нудејќи како што велите „радикални решенија". Реформаторите нудат недоквакани реформи, а недокваканите стари професори се плашат од нив. Ете што јас можам да видам и заклучам од сето тоа што го напишала како што велите „Вашата доцентска маленкост", во обид да достигне прекутрупа до височините и да се вброи во великаните на реформите на високото образование.
Немам навика да зборувам за тензијата која се подигна околу реформите на високото образование. Гледам ниту вие не говорите за „екстерното-државниот-тестот- што и да е...„.Вас повеќе Ве засега неквалитетот на Вашите постари колеги.
Англискиот е недоволен, да си професор трба да говориш најмалку уште еден светски јазик. Тоа е разликата помеѓу универзитетскиот професор и Бриселскиот чиновник. Кога би говорел три, четири и повеќе светски јазици дали би бил супер Универзитетски професор? Што тогаш би била разликата помеѓу универзитетскиот професор и рецепционерот од поелитните хотели???
Млад сте колега и не знаете дека најголемиот број од бриселските чиновници говорат по неколку светски јазика. Сепак не се универзитетски професори. Сепак нешто друго ја прави разликата помеѓу универзитетскиот професор и чиновникот или рецепционерот или политичарот... Нема да коментирам, ама ако сакате да дознаете појдете и прашате го својот ментор или раководителот на Катедрата. Во мое време за да бидеш помлад асистент требаше да доставиш потврда за познавање на еден странски јазик. Ние не сме експерти за англискиот јазик, ние го користиме како алатка... И некој сака да нè тестира. Тоа боли. Ќе Ве цитирам: „Затоа, да си доктор на науки, нужно претпоставува да знаеш англиски!"
Да Ве потсетам дека генерацијата која е 10 (десет) години пред пензија (а според Вас времето за одење во пензија е 67 години живот) е на возраст од 57 години, односно родени се 1958-та година, само 13 години после Втората светска војна. Се запишале во основно училиште 1965 година, кога во Скопје прашање дали воопшто некое училиште нудеше опција на англиски како странски јазик. И јас не сум доволно возрасен да заборувам за тоа време, ама знам дека моите повозрасни роднини учеа руски и француски јазик. Добро ако се сеќавам, во моето основно училиште се воведе англискиот јазик кон средината на седумдесетите. Значи повеќето од тие професори немале можност да го изучуваат англискиот јазик. Користењето на друг странски јазик не те прави глуп и неспособен. Уште помалку уништувач на генерации. Па Вие колега сте дипломирале 2000 кога активни беа многу повеќе од професорите кои не го изучувале англискиот јазик. Вие сте уништен? Упропастен? Или сте горд на својата доцентска титула, која ја добивте со образование стекнато само во овој високообразовен систем. Оние кои по втор пат се избрани за редовни професори се стекнале со трајно звање според законските одредби кои важеле во тој момент. Нека ми биде простено колега, ама борбата против овие луѓе е небулоза! Општиот и генерален став кој го изнесувате дека тоа се луѓето кои го доведоа универзитетот до ова дереџе е срамотен. Напротив, Тоа се луѓето кои го доведоа универзитетот до овие висини. Впрочем, не разбирам ниту за кој универзит говорите. Ако ова се однесува за универзитетот на кој го стекнувате севкупното формално образование тогаш бидете свесен дека говорите за Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје. Говорите за мојот универзитет и тоа не смеам да го дозволам. Нема да Ве навредувам иако сметам дека заслужувате многу поостри зборови. Само ќе кажам дека сте премногу радикален и плукате врз Вашите дипломи кои Ви помогнаа во потписот да ги ставите оние две кратенки доц. д-р. Ако не чинат Вашите дипломи, слободно вратете ги. За тоа известете ги рецензентите кои ја напишаа рецензијата за Вашиот избор во доцент. Слободно кажете им: „Ме избравте врз база на безвредни писулчиња, јас всушност сум упропастен незнајко, а за тоа сте виновни Вие." Јас Ви стојам на располагање за било каква дискусија по однос на квалитетот на мојот Универзитет и неговите постари професори. Ако сакате може да ви испратам и извештај на надворешните евалуатори од Европската Асоцијација на Универзитети. Да видите дали мојот универзитет е на некое си „дереџе" или цврсто чекори по угорната патека на градење на квалитетот.
Ако пак она „дереџе " се однесува на Универзитетот на кој ги остарувате правата од работниот однос и на кој сте избрани за доцент, ќе ви кажам само дека навредувате многу квалитетни професори и луѓе кои се вложија себеси во создавањето на еден Универзитет. Ако не ми верувате погледнете некои од имињата на реизбраните редовни професори и професори со помалку од 10 години до пензија, а работат на Вашиот Универзитет. Тие од Вас заслужуваат во најмала рака респект, а не навреди дека се виновни за некое си „дереџе".
Понатаму велите дека овие постари професори не би требало да се иземаат од законот поради- цитирам: „затоа што тие и мене и на многу други помлади генерации, им биле примерот, парадигмата, авторитетот од кој сме учеле и заради кој сме се „подвижувале" во нашите научни височини." Велите за нив треба дури и построги критериуми (бидејќи као што гледам доцент може да се избере без ниеден труд во меѓународно списание или списание со импакт фактор). Ама верувајте не е едноставно да се тркаме со таквите како Вас, млади, полетни, полни со енергија, радикални... Со оние кои го собраа сето знаење од повозрасните, ги гужваат како стара крпа и сега со нив сакаат да го бришат подот. Вашите два последни труда со кој се гордеете и сте ги навеле на еден интернет портал се исклучиво Ваше авторско дело. Да се обидевте да разговарате со некој од Вашите повозрасни колеги и да му/им понудите коавторство сега и тие ќе се гордееа со два прекрасни научни труда. И можеби ќе беа поквалитетни??? Ова многу зборува за Вашиот карактер и радикализам. Нема да Ве учам како тоа се прави на поголемите универзитети, кој го пишува трудот, кој е првиот автор, кој е во листата на автори... Тоа ќе го дознаете кога еднаш ќе стапнете таму...
Повторно цитирам:
„Ова ќе значи од една страна – да не се одлага агонијата на сегашните наставници, а од друга страна, веднаш на нивно место да влезат млади, образовани во странство и енергични. Автономијата на универзитетот, впрочем ќе се огледа и во ова – универзитетот, т.е. Педагошките факултети ќе имаат дискреционо право да распишат меѓународен конкурс (како што тоа го прават сите светски универзитети), за упразнетите места."
Навистина радикален став. Па дајте отказ колега, бидејќи и Вие сте дел од сегашните наставници. На Вашата страница се гледа дека Вие немате исполнето ниту еден од овие барања кои ги поставувате за Вашите постари колеги. Ова не би важело за Вас бидејќи сте млад. Ама иако сте млад не сте ниту образуван во странство, ниту пак исполнувате било кој од условите за кои толку силно се залагате. Да Ви се заблагодарам за тоа што ме насмеавте со меѓународниот конкурс. Можеби постојат реномирани странски експерти кои едвај чекаат да се пријават на нашите меѓународни конкурси и да работат за моите 600 евра или Вашите (700-800 евра). Или бидејќи се странци ќе им дадеме и соодветни плати? Они ќе работат за 6000 Евра, јас за 600???
И навистина не сакам повеќе да анализирам што пишувате понатаму во текстот. Ама не можам со ништо да се сложам. Гледам само еден обид на истрчување и евентуално фаќање на некои позиции на реформатор и радикален борец.
Можам да заклучам од тоа што го пишувате дека го познавате англискиот јазик и традицијата на говорење на Англичаните. Затоа на ова место ставам: "But"
Почитуван млад колега Во вас гледам многу позитивни работи. Како прво свесен сте за постоењето на послаб квалитет кај дел од наставниците во високообразовниот систем. Претпоставувам дека како дел од еден млад универзитет тоа е можеби и поизразено. Гледам кај Вас желба за промени, желба за подобрување на квалитетот, желба да не се удавите во сивилото, желба да се одвоите од другите дури и да бидете многу подобар, можеби и најдобар. Ама тоа нема да го направите сам. Ниту ќе го направи било кој реформатор со ступидни предлози за измена на законот. За промени на подобро потребно е да се изврши опстојна анализа на причините поради кои се случува нештото. Печатењето на трудови во списание со висок импакт фактор е исклучително тешко. За тоа се потребни високо квалитетни истражувања, базирани на сегашниов момент. Онаму каде што природата на истражувањата бара лаборатории тие треба да се опремени со врвна научно истражувачка опрема. Треба постоење на клинички болници, треба постоење на експериментални полиња и фарми, полигони и што ти не. Сето ова треба да се финансира. И не само да се купи, туку да се овозможи обука за персоналот, одржување на опремата и потрошен материјал за работа. Значи треба значајна сума на пари само за овозможување на техничките предуслови. Понатаму потребни се сериозни инвестиции во научно-истражувачки проекти во кој ќе се финасираат и докторанти, кои би биле двигатели на современите истражувања и би го пополниле празниот простор кој остана после укинувањето на асистентите. Чинам знаете колку чини еден докторанд. Ако не вие, тогаш вашите родители. А доаѓате од научна област која бара релативно ниски инвестиции. Што со медицинските, ветеринарните, биотехничките и техничките истражувања кои се исклучително скапи. Што е со научно истражувачката литература. Како ќе напишете труд во некој журнал кој воопшто не сте го ни виделе, а камо ли да сте ги прочитале трудовите од последните 5 години. Мислите дека рецензентите ќе прифатат печатење бидејќи сте млад, а појма немате што е актуелно во тој журнал??? Мислите дека ќе прифатат методи и опрема од пред 20 години?
Кој ќе ги сноси трошоците за престој на еден од топ 500 универзитети? Мислите дека и доколку добиете платено отсуство вашите 700 евра (без храна и преевоз) во првите три месеца и 70% од тоа во наредниот период ќе бидат доволни да ги покриете трошоците за живеење? Мислите дека до сега некој ја искористил законската можност за покривање на овие трошоци ако сте поканет на студиски престој?
Колега, квалитетот не расте со закони и со одредби. Квалитетот расте во еснафот. Ние самите треба да си ги воведуваме критериумите, за тоа не ни треба државата. Ние сме автономни. Во Вас има потенцијал да бидете еден од носителите на прогресот. Наметнете ги Вашите ставови во Вашата институција. Погледнете ги резултатите кои ги постигнува Природно Математичкиот Факултет од Скопје. Никој не ги присили на тоа, а сега се лидери во печатењето на трудови во часописи со импакт фактор. Кај нив дозреало времето. Наскоро ќе им се приклучи некој друг... Она што државата треба да го прави е да ја обезбеди материјалната база. Да ги прати универзитетите во нивниот развој. И да ги остави самите да се развиваат, па сепак таму е кремот на интелектот на оваа држава и најдобро знаат што е тоа што им треба.
Проф. д-р Ордан Чукалиев