Образовни реформи на еден радикален доцент

Во предлог-законот за Наставничките факултети стои дека од овие промени се иземаат професорите кои се 10 (десет), години пред пензија и оние кои по втор пат се избрани за редовни професори! Нека ми биде простено, ама ова е небулоза! Истите тие, кои го доведоа до ова дереџе универзитетот, се иземаат од секаква промена!!! Замислете 10 години пред пензија, значи да упропастите уште две и пол (2,5) генерации!

ЕДЕН ПРЕДЛОГ ЗА РАДИКАЛНО РЕШЕНИЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО (ИЛИ КОГА ВЕЌЕ СЕ СЛИКАМЕ ПО ТЕЛЕВИЗИИ)

Реформите во принцип се болен и кобен процес. И тоа за обете страни – како за оние што ги спроведуваат, така и за оние на кои се однесуваат. Првите најчесто губат политички поени, а најчесто и власт, вторите ги губат привилегиите, а најчесто и работата.

Мојата природа во принцип е радикална, за мене средината не е доволна, мене екстремот ме провоцира. Затоа во оваа пригода, еве и мојата доцентска маленкост да се произнесе по повод новите законски решенија за ВО.

Прво, сметам дека законодавецот во оваа ситуација нема доволно храброст за вистински реформи. А „реформираните", имаат премногу страв и од овие млаки промени.
Затоа, нека ми биде дозволено, после анализата на новите законски решенија, да укажам на недостатоците на истиот, и да предложам порадикални решенија.

1. Во Предлог-законот стои дека за наставниците се бара познавање на англиски јазик на ниво Б2. Ова за мене е неразбирливо од проста причина: ако секој наставник, од доцент, па до редовен, веќе докторирал и се стекнал со звање, тогаш логично и саморазбирливо е дека го познава денешниот Linqua franca во светот на науката – англискиот!? Како воопшто докторирал ако не познавал англиски јазик, што книги читал, која литература консултурал, на кои референци се повикувал – кога сето знаење денес, во било која област е објавено на англиски??? Затоа, да си доктор на науки, нужно претпоставува да знаеш англиски!

Затоа предлагам: покрај англискиот во законот да стои познавање на минимум уште еден светски јазик! На овој начин од една страна ќе се разграничи наставник, универзитетски професор од обичен бриселски чиновник и ќе се стимулира и мотивира професорот постојано да напредува во „копањето" по литература, а од друга страна ќе се избегне приговорот за англосаксонската хегемонија во образованието и науката. Ова особено да важи за претставниците на општествено-хуманистичките науки.

2. Во предлог-законот за Наставничките факултети стои дека од овие промени се иземаат професорите кои се 10 (десет), години пред пензија и оние кои по втор пат се избрани за редовни професори! Нека ми биде простено, ама ова е небулоза! Истите тие, кои го доведоа до ова дереџе универзитетот, се иземаат од секаква промена!!! Замислете 10 години пред пензија, значи да упропастите уште две и пол (2,5) генерации! Десет години се цел живот! Дури и уште повеќе – да биле иземени и оние со втор избор во редовен!? Замислете ја следнава ситуација: на пример, во 2000 година, избран сте за доцент на 30 годишна возраст, во 2005, на 35г. сте вонреден, на 40 редовен и конечно, во 2015, вие на 45 години сте редовен втор пат. Значи, до пензија на вам ви остануваат, според новите закони за пензионирање, уште минимум 22 години работа! Слободно можете да упропастувате пет и пол генерации (5,5)!Ова е сценарио кое претпоставува дека постарите професори не вредат и дека тие се виновници што го упропастиле образованието. Нека ми простат истите, но ова не е мојот став (веројатно е став на Владата), мојот став е дека тие наставници вредат и затоа предлагам оптимистичка варијанта за нив. Во оптимистичкото сценарио - во сценариото со кое јас впрочем гледам на сите луѓе – а тоа е дека сите луѓе се вредни, чесни и достоинствени - исто така не би требало да се иземаат од законот – затоа што тие и мене и на многу други помлади генерации, им биле примерот, парадигмата, авторитетот од кој сме учеле и заради кој сме се „подвизувале" во нашите научни височини.

Затоа предлагам: истите законски решенија, дури и уште поригорозни – затоа што тие професори треба да ни бидат нам помладите role model, инспирација и урнек – да важат за сите професори, особено за втор пат редовните и постарите. Како напредуваш во звањето, така и во публикациите, импакт факторите и монографиите и книгите објавени во странство. Редовен професор, кој не напишал книга, монографија на англиски, не се пројавил во светот – не може да ми биде парадигма и да ме влече кон подобро!

3. Законите за наставничките факултети би требало уште потемелно да се осмислат и да се редефинираат критериумите. Наставничката професија е не само најблагородната, ами и најзначајната во едно општество. Од неа ни зависи успехот и на лекарите и на адвокатите и на земјоделците....Во таа смисла одговорноста на наставникот е најголема, според мене поголема дури и од онаа на професијата доктор/лекар. Најдобриот лекар, веројатно ја имал најдобрата учителка и најдобрите учители по медицина – затоа е најдобар.

Затоа предлагам во предлог-законот за наставнички факултети да се заострат критериумите за наставниците и што е уште поважно, да важат веднаш. Заострувањето би било во насока на тоа дека – она што сега е условно и изборно, сега да биде облигаторно – студиски престој, постдокторски на еден од 500-те најдобри универзитети според Шангајската листа и сл. При тоа, сите услови да важат веднаш! Ова ќе значи од една страна – да не се одлага агонијата на сегашните наставници, а од друга страна, веднаш на нивно место да влезат млади, образовани во странство и енергични. Автономијата на универзитетот, впрочем ќе се огледа и во ова – универзитетот, т.е. Педагошките факултети ќе имаат дискреционо право да распишат меѓународен конкурс (како што тоа го прават сите светски универзитети), за упразнетите места.
Ова се разбира, ќе биде болен, но нужен рез. Владата би требало да размисли за финансиските импликации од истото во однос на социјалниот момент. Имено, би било фер, професорите кои не ги исполнуваат веднаш критериумите, да ги прераспредели во Јавната или Државната администрација (основни, средни школи, подрачни Министерства, агенции и сл.)

4. Иземањето на уметничките факултети од овој, како и од предходните закони, е исто така, нека ми биде пак дозволено да кажам – глупост! Советниците-уметници, на министрите и премиерот, кои претпоставувам во голем дел се истите од мега-проектите како СК2014 или Музеј и сл. треба да престанат да го лажат дека во уметноста нема критериуми и дека тие не подлежат на критериуми. Тие самите најдобро си ги знаат ликовните колонии, галерии, како и списанија за уметничка критика, кои се референтни во светот на уметноста и треба истите веднаш да му ги кажат на премиерот! Нека престанат да го лажат дека со скулптура на плоштадче и слика на пазар, се уметници од светски ранг и не подлежат на никакви критериуми, оти тие се „царство на слободата".

Затоа предлагам за уметниците да се изработи референтна листа на галерии, колонии, списанија за уметничка критика и медиуми во кои ќе мора да се појават ако сакаат да стигнат до редовен професот на универзитет!

Во оваа прилика толку, не би сакал да го оптоварувам просторот со правни детали, кои ги имам разработени и испратено до надлежните министерства. Ова е секако предлог, за кој чекам и соодветни коментари и сугестии за негово усовршување.

Доц. д-р Трајче Стојанов

31 декември 2014 - 08:43