Еве ме мене пак, Јане од Ченто.
И пак за сообраќајот на бул. Алексантар Македонски. Морам да признаам дека сум навистина пријатно изненаден од бројот на споделувања на фејсбук преку вашиот сајт. Пријатно сум изненаден и од позитивните коментари на тие што лично ме познаваат. А најмногу ме израдува тоа што никој не ми залепи етикета.
Во оваа прилика би сакал да се обратам на моите сограѓани по однос на самата содржина на коментарите.
Имено, сите коментари се сведуваа на два главни дела, првиот дел беа коментари за потенцирањето на проблемот и размислувањата околу причините и можните решенија и сл, а вториот дел се однесуваше на ефектот кој самото писмо ќе го постигне. Е тука, во вториот дел доживеав големото разочарување, сите коментари на крај завршуваа со песимизам, во стилот, „џабе си се мачел, никој ништо нема да направи“, или „ние ништо не можеме да направиме“, сигурно и дел од читателите на вашиот сајт размислуваат слично. Летаргијата и чувството на беспомошност на коментаторите ме загрижува На овој песимизам мојот одговор е следен:
Воопшто не е џабе мачењето, еве конкретно, првото писмо го пратив кај Трендо, со молба да го објави, тој го погледна и процени дека проблемот треба да се изнесе во јавноста и ми излезе во пресрет мене, како граѓанин, еден, единствен (односно до сите засегнати, бидејќи јас пишувам како претставник од сите засегнати, што дефакто и сум) и тоа го објави. Јас не знам колку точно луѓе го прочитале но знам дека околу стотина го споделиле на нивните фејсбук профили, а тоа значи дека се препознале во проблемот, се свртела дискусија. Е сега, да прашам, зарем тоа е малку за еден просечен жител на Гази Баба кој нема никакво вистинско општествено влијание?
Јас, еден, толку направив, замислете стоте што го споделиле писмото колку би направиле. Еве неколку примери за тоа што можете вие да направите (за да не се чувствувате беспомошни), претете меил до општината да речеме со линкот до писмото, или со ваш коментар или со „До кога ќе дишеме ауспуси“ или сл., оставете коментар на сајтот на офф нет (приклучете се на барањето на решение), споделете на социјалните мрежи и сл. А може и подиректно: едноставно кога со автомобил ќе поминете пред општината (Гази Баба, Аеродром, град Скопје) свирнете еднаш, културно и цивилизирано, за да слушнат дека оваа ситуација ви пречи. Можности за акција има, потребна е само желба. Повеќе од јасно е дека треба да им се каже директно на надлежните, инаку досега самоиницијативно би реагирале.
Во продолжение можете да видите зошто мене ми пречи.
Под претпоставка дека колоната за која говорам во писмото е долга 2000м во нејзе може да има околу 330 автомобили (во случај просечно секој да зафаќа околу 6м должина). Факт е доколку би возеле со 60 км/ч (знам дека е дозволено 50км/ч) тој пат се поминува за 2 минути. Да претпоставиме дека во таква колона тој пат се поминува за 10 минути (односно со 12км/ч) тоа значи дека секој автомобил вози дополнителни 8 минути, за разлика од ситуација кога би возел со 60км/ч. Доколку 330 автомобили тој пат го поминуваат за 10 минути тогаш за 60 минути ќе поминат околу 2000 автомобили. Сите овие автомобили ќе возат дополнителни 8 минути. Вкупно сите автомобили ќе работат непотребно 16.000 минути. Значи, на двете ленти на овој булевар автомобилите испуштаат издувни гасови во количина еднаква на 32.000 работни минути во овој еден час. Или, 32.000 граѓани да дишат од ауспух по една минута секој ден!
Е сега, пречи ли? Оваа симулација е серионно пониска од вистинската, целта ми беше само да потенцирам која е разликата помеѓу 2 минути и 8 минути (60км/ч и 12км/ч). Замислете колку се тоа работни минути во цело Скопје?
Повторно доаѓа зимата и магловито време, пак сите само ќе трубат за некакви честички во воздухот и ќе измислуваме „креативни“ решениеја од типот пар/непар, забрана на увоз на автомобили, ограничувања на движење, јавен превоз и сл.
Проблемите не се таму, тоа е спинување, префрлање на одговорноста кон поединецот наместо кон лошата патна инфраструктура (иако има несовесни ѓраѓани т.н. говеда кои блокираат ленти со тоа што застануваат на коловозот).
Јас го свртев муабетот за да се актуелизира проблемот. Доколку сакате и вие нешто да направите ви понудив неколку опции, но понудете и вие некоја, можеби подобра, направете нешто. Нема потреба никој да нè организира, па протести, блокади и слични глупости, па илјадници беспотребни работни минути на автомобилите. Тоа ништо не решава, тоа го гледаме. Нас ни е потребна едноставна лична граѓанска акција, секој индивидуално. Има политички партии за организирање, но и нивни претставници во општините, ако тие сакаа нешто да направат можеа, сите средства се во нивните раце.
Јас неjќам да дишам ауспух и барам решение. А вие?
Јане Крстески
**********************
Фотки од спомнатите делници, од читателка.