Писма на Н.Н. очајници

Почитувано уредништво, по вашата објава на писмо од читател за перипетиите околу тестирањата и интервјуата на конкурсите за државни службеници, ви пишувам на сродна тема, односно перипетиите на невработените кои се пријавуваат во „Завод за регистрирање на невработени непартиски очајници" (така би требало да се вика ова институција, а зошто, подолу во писмово).

По генијалните законски промени по кои се одделија невработените на оние (а) кои активно бараат работа и на оние (б) аристократијата која активно живее на туѓа сметка и нема зорт за работа, овие првиве очајници се принудени да се пријавуваат во Завод позачестено, а оние најочајните секој месец.

Убедливо најстрадалничка група е онаа кои се невработени, активно се очајни по работа, а мажени се или женети за вработени лица, т.е. немаат право на „сини картони", а мораат да се нацртаат пред лицето на државата, колку таа да се увери дека не емигрирале во странство (Уште ли си тука, хехехе).

Откако 765 пати те одбиле на конкурс за работно место под партиска контрола (што во нашата чудесна Македонија вклучува еден дијапазон од чистачки во училишта до амбасадори), се пријавуваш како некој криминалец под истрага без никаква надеж дека ќе добиеш можност за работа, одиш секој месец на баци-рака кај државата во личната морална борба за оддржување на веродостојноста на бројката на невработени.

И откако неколку пати таму ќе ти кажат „Ти дали си нормален што доаѓаш секој месец?", „Од која општина си?", „Е па знаеш на која партиска врата да почукаш", сфаќаш дека таа борба со државата е бесцелна и едноставно се откажуваш од пријавување.

Така и во нашиов домашен случај, државата успеа да ја „намали невработеноста" за некој промил давајќи ни (по главата) до знаење дека за секој закон има многу поважни „непишани закони", дека давањето мито за работа е оправдано обичајно право на недоволно-наградените-со-плата-јавни службеници, и дека институциите одлично соработуваат во упатувањето на која врата треба да поднесеш доброволен даночен прилог.

Благодарности и поздрави,
С.

4 февруари 2015 - 09:11