Писма на читатели: Шах(та) - Мат за учениците

1 септември. Прв училишен ден. Пред училиштето врие од деца, родители, наставници… А шахтата и понатаму зјае. Практично, го чека својот прв ученик. Иронијата да биде поголема, токму тој ден во училиштето се сите медиуми, бидејќи има обраќање на министерката за образование и наука. Значи, идеална прилика институциите да ја забележат шахтата.

Здраво Трендо,

Ти пишувам во врска со една партија ШАХ(та), која институциите ја играат веќе една недела во општина Центар.

Сите знаеме дека шахот е игра во која секој потег е важен. Особено кога противникот е опасност која демне пред основно училиште. 

Во Капиштец, една пропадната шахта веќе една недела игра шах со институциите. Таа направи потег. Институциите возвратија. И сега партијата тапка во место.

Еве како течеше играта:

31 август. Ден пред почетокот на учебната година. Пред ООУ „Киро Глигоров“ забележувам пропадната шахта. Отворена, длабока и доволно опасна за човек да не сака да дознае што има под неа.

1 септември. Прв училишен ден. Пред училиштето врие од деца, родители, наставници… А шахтата и понатаму зјае. Практично, го чека својот прв ученик. Иронијата да биде поголема, токму тој ден во училиштето се сите медиуми, бидејќи има обраќање на министерката за образование и наука. Значи, идеална прилика институциите да ја забележат шахтата. Ако не друго, барем некој новинар да и се закачи.

Решавам да ја фотографирам и да ја објавам на социјалните мрежи. По половина час инстуциите го прават првиот потег. Пуштаат еден пион со ваљак, со параван, полно наоружување! Ја оградува шахтата, а ваљакот го паркира веднаш до неа.

По некое време, медиумите си заминуваат. А веднаш потоа, пионот се повлекува, заедно со ваљакот и целата опрема. Шахтата останува. Оградена. Непоправена.

7 септември. Секој ден малата ја оставам на училиште и чекам потег од институциите. Шахтата сè уште е таму. Оградена, но несанирана, па полека почнува да служи и како импровизирана депонија.

Во шахот, кога противникот нема каде да оди, следува мат.

И тука следува едно многу логично прашање: Дали чекаме да биде матирано некое невино детенце? Па потоа некој од коњите во институциите да наоѓа оправдание зошто партијата е изгубена?

Поздрав,
Дејан

П.С. Ич топов не ме боли кој е надлежен за ова, дали е тоа градот или општината, информирани се и едните и другите.

Поздрав,

Дејан

7 септември 2026 - 09:53