Преку ... ми е од све!
Веќе два месеци барам нова работа. Имам 28 години и работно искуство од 7 години, нормално во приватни фирми, затоа што сите знаеме како се влегува во државна администрација. Мојот револт, кој што е потик за ова отворено писмо не е за моменталната состојба во кој што се наоѓа Македонија, ниту пак некогаш сум изразила желба за да работам "под" државна капа , па да морам да се молам за вработување, тој МОЈ револт се јавува од работодавците на приватниот сектор во нашата драга и мила Македонија.
Некако сите сме запознаени со муабетите од типот "тешко е да најдеш работа на денешно време", "немој да си даваш отказ, колку и да е лошо стисни заби, може да биде и полошо" или мојот омилен "за тој што сака да работи, секогаш се наоѓа работа".
Во последните шест до седум недели сум била на повеќе од петнаесет интервјуа за работа. Некој од нив можам да ги опишам со еден збор океј, но другите... леле од каде да почнам. Во една компанија ми кажаа дека сум преквалификувана за работното место, на друго место ме викна на пет интервјуа за на крај да примат човек кој што немам никакво работно искуство, но нормално побарал 12 000 денари плата, па си викаат ( како и многу други компании ) еве ќе го вработам овој човек , ако не знае ништо, битно јас ќе заштедам пари од него ( безралика дека неговото незнаење може да ја кошта компанијата време и пари од други аспекти).
Иронијата е најголема со тоа што кога пред 10 години почнав да барам работа, најголемиот дел од компаниите ми велеа дека немам доволно искуство.
Мојот револт порасна (со брзината на светлината) кога во една компанија генералниот директор си зема за право да ми објасни како тој вработувал само манекенки, и како го фатиле во кревет со омажена девојка.( Нормално после овој муабет го прекинав интервјуто за работа и си заминав).
На три различни места ми рекоа почетната плата е 15 000 денари, иако ти имаш работно искуство од 7 години, ние сите ги ставаме на исто рамниште, а покачување на платата следува еднаш годишно по 1000 денари, значи со проста математика за да дојдам јас до некој нормална плата која би можела да си ги платам сметките и кредитот треба да работам кај нив повеќе од 10 години, значи на 38 години јас ќе можам да си дозволам сама да си ги платам сметките. До тогаш како и голем број луѓе ќе чекам мама и тато да дадат некој денар.
Да кажеме и збор два за компаниите кој што ги менуваат своите вработени на секој три месеци до една година. Познавам компанија кој што на секоја 5-та година од вработувањето на кандидатот го отпушта, затоа што ќе морале да му дадат договор на неопределено време. И да го заборавиме најчестиот случај во нашата држава, платата е редовна како даночен обврзник кој на секој три месеци пушта ДДВ пријава.
Затоа ли јас учев факултет, затоа ли јас работам од моја 18-та година.?
Ајде сега да ги спомнме и компаните во Македонија чија дејност им е посредување при вработување. Нема да иманувам имиња, но имам едно прашање до нив: - Are you joking ?
Иако сите знаеме дека вработувањето во Македонија оди на систем услуга за услуга или битно е кој познаваш, овие компании одат до нови екстрими. Не само што не ги проверуваат сите испратени апликаци за работа со изговор премногу се , не можеме да стигнеме да ги провериме сите , туку кога ќе ги прашаш како физичко лице, што правам погрешно, каде да си ја најдам грешката, што кај себе си да поправам за да бидам пожелен кандидат за работа, тие ти одговарат со цитирам: - "Не знам, ние работиме за компаниите, не можеме Вас да ви даваме инструкци"
Не би можела, а да не го спомнам мобингот на работните места, од типот на секојдневно викање по вработениот, само за егото на директорот да порасне или вршење приватни услуги за претпоставените.
Кој ќе не заштити нас вработените? На прсти се бројат компаните во Македонија кој исплаќат прекувремена работа, на прсти се бројат менџерите, директорите и шефовите кој се вистински лидери. Седнете со вашите вработени прашајте ги што Вие како прeтпоставени или работодавачи можете да направите за да ги подобрите вашите способности, верувајте ми ние најдобро знаеме кој се вашите мани.
И еден апел до сите кој што прифаќат да работат за мизерни плати. Почнете да се цените самите себеси, покрај Вас страдиме и ние кој што неприфаќаме да работиме за минимална плата.
M.M.
********************************
Забелешка од уредникот: Читателката бараше да остане анонимна што овојпат го почитувавме. Ама, нели со самото тоа паѓаат во вода сите овие убави и 'храбри' апели?