Тоа најчесто наидува на сериозна јавна осуда, но потегот на Мирјана Лучиќ-Барони која што не ѝ пружи рака на Лаура Сигемунд после поразот во 2. коло на турнирот во Мадрид ја подели јавноста, а некои дури и ја поддржуваат тенисерката од Макарска.
34-годишната Мирјана Лучиќ-Барони објасни што ја натерало на таков потег:
„Гледам дека луѓето ги интересира зошто не сум сакала да се ракувам со противничката. Тенис почнав да играм многу, многу одамна и сум видела секакви ситуации на теренот и надвор од него кои биле тешки, но никогаш не сум видела вакво однесување. Мојата противничка три пати бараше помош од физиотерапевт, два пати отиде во тоалет, престана да игра на сред гем за да побара третман (случајно секој пат кога јас бев во налет), земаше смешно многу време меѓу поените и врескаше како животно на секоја моја грешка. На што личи тоа? Затоа не сметам дека не сум постапила спортски. Ова не ѝ е првпат вака да се однесува. За мене е неприфатливо“, објаснува ветеранката со искуство зад себе.
Инако Лучиќ-Барони играше со Германката и пред еден месец во Чарлстон (САД).
„Потполно се сложувам со тебе. Истото го правеше и со мене“, напишала на Фејсбук Русинката Светлана Кузњецова која што и во Мадрид играше со Сигемунд.
Изгледа дека и бугарската тенисерка Сесил Каратанчева едвај го дочекала моментот да го искаже мислењето за Сигемунд.
„Ти дури беше и премногу пристојна со неа. Истото ми се случи и мене на Ролан Гарос и знаеш што? На крајот од мечот сакав да ја извлечам од теренот и да ја претепам. Тоа што не си се ракувала со неа е спортски потег. Нејзиното однесување нема врска со спортот. Ако сака да глуми нека оди во Холивуд, не овде. Те респектирам", напишала Бугарката на социјалните мрежи.