По ланското најлошо негово лето, Роже Федерер годината е во налет и игра одлична сезона, а неколку факти го вбројуваат меѓу главните фаворити на УС Опен каде веројатно ќе ја има последната шанса да стигне до важен трофеј.
Послаба конкуренција
Шпанецот Рафаел Надал нема да може да го брани трофејот, бидејќи има повреда на раката. Новак Ѓоковиќ како да е се уште под импресии од свадбата, а не остави никаков белег на претходните два турнири ова лето. Против Федерер последен пат победи на Вимблдон. Енди Мареј е надвор од форма и нема освоено ниту еден турнир во 2014-та.
Лесна ждрепка
Ждребот на Швајцарецот му дава за право да се надева на пласман во финалето каде хипотетички би се сретнал со Ѓоковиќ. Распоред му изгледа вака:
1. коло vs Маринко Матошевиќ (76)
2. коло vs Алберт Рамос Винолас (95)
3. коло vs Иво Карловиќ (30)
4. коло vs Фабио Фоњини (17)
Четвртфинале vs Григор Димитров (8)
Полуфинале vs Давид Ферер (5)
Највисокиот рангиран потенцијален противник му е Ферер со кого Федерер нема пораз во сите нивни 16 досегашни дуели.
Ако се направи компарација со противниците на Ѓоковиќ, тогаш може да се каже дека Федерер имаше повеќе среќа. Распоредот на Србинот до финале е Џон Изнер (осминафинале), Мареј (четвртфинале) и Вавринка (полуфинале).
Сезона на Федерер
Годинава има скор 49:9 и стигна до финале на последните два турнири во Северна Америка од кои на последниот во Синсинати ја освои титулата. На големите турнири беше финалист на Вимблдон, полуфиналист на Австралија Опен и осминафиналист на Франција опен.
Само петмина тенисери од 1968 година успеале со 33 години или повеќе да освојат Грен слем турнир. Во февруари Роже беше рангиран на 8 позиција на АТП, а во Њујорк ќе патува како трети.
Последниот Грен слем за оваа година ќе трае од 25 август до 8 септември, а наградниот фонд на отвореното првенство во САД изнесува 38 милиони долари, или околу 12% повеќе од минатиот.
Шампионот ќе заработи 2.000 поени и 3 милиони долари, а финалистот 1.200 поени и 1,45 милиони долари.