Спортските дедовци кои не се предаваат

Сигурно не ви се веруваше кога прочитавте дека Рајан Гигс полни 40 години затоа што тој се уште игра како во најдобрите денови и нема намера да се пензионира. Има и уште други вакви дедовци во спортот.

Фудбалерите од македонската Прва лига не можат да претрчаат повеќе од 10 километри и тоа вкупно на три натпревари, а Рајан Гигс во средата на 40 години истрча 11 против Баер Леверкузен.

Но тој не е единствен врвен фудбалер кој им пркоси на годините. Аргентинецот Хавиер Занети пред неколку месеци наполни 40 години, а тој уште е лидер на Интер и нема намера да се пензионира.

Не се предаваат ни Алесандро Дел Пиеро (39), Франческо Тоти (37), Кларенс Сидорф (37), Тиери Анри (36), Антонио Ди Натале (36)...

„Дедовци" има и во останатите спортови. Дирк Новицки на 35 години ги предводи Далас Маверикс, а покрај него тука се и Винс Картер (37) и Шон Мерион (36). Минатогодишниот финалист Сан Антонио ги има Тим Данкан (38), Ману Џинобили (37), а Тони Паркер на 32 години е млад во споредба со нив. Се очекува и враќањето на Коби Брајант кој на 35 години потпиша нов огромен договор со Лејкерс.

Агаси се пензионираше на 36, а Мартина Навратилова на 49, па на Роџер Федерер кој има „само" 32 години му претстојат уште неколку години кариера.

Спортски „дедовци" имаме и во Македонија. Миле Крстев е еден од најистакнатите фудбалери во македонската Прва лига на негови 34 години, а поранешниот репрезентативец Горан Ставревски се уште е активен во третата лига на 40 години. Голманот Саша Илиќ неодамна на 43 години беше приморан да брани во првата лига за Еуромилк Горно Лисиче.

Кошаркарот Перо Блажевски се пензионираше на 41 година, а Будимир Јоловиќ пред неколку години се активираше на возраст од 49 години. Тодор Гечевски има 36 и е еден од најдобрите во редовите на МЗТ.

Ракометарот Стевче Алушевски до неодамна беше активен на 40 години.

29 ноември 2013 - 15:25