Дик Паунд ја опиша постапката на Шарапова како несовесна и откри дека во декември месец таа била предупредена пет пати за да престане да го користи мелдониумот. Три пати била контактирана од Меѓународната светска асоцијација и два пати од Тениската асоцијасија за жени дека таа супстанца од 1 јануари ќе биде забранета.
„Вие земате нешто што е на забранета листа. Жал ми е, тоа е голема грешка и се разбира дека таа требала да го знае тоа. Земала нешто што е генерално забрането за медицински цели во нејзината земја на живеење, па потоа кажа дека доктор требало да го следи тоа. Секогаш има промени на листата, забелешките се даваат на 30 септември пред промената. Ги имате октомври, ноември, декември за да знаете што правите. Сите тенисери беа предупредени за тоа и таа има медицински тим како и сите други“, вели поранешниот прв човек на ВАДА.
Паунд објасни и зошто мелдониумот е ставен на забранета листа.
„Користењето на оваа супстанца на подолг период носи контраиндикации. Тоа значи дека не треба да се користи многу долго. Затоа се појави итна потреба да се стави на забранета листа. Многу луѓе ја земаа за подобрување на ефикасноста“.
Објаснувањето на Шарапова беше дека не знаела дека повеќе не треба да ја користи оваа супстанца од стартот на оваа година и дека не го видела мејлот со предупредување. По вчерашната прес конференција таа остана без спонзорството на Најк од 150 милиони долари за следните 5 години, а од неа се откажаа и Порше и Таг Еуер.