Рикардо ја освои Белгија

Возачот на Ред Бул, Даниел Рикардо оствари извонредна победа на трката за Големата награда на патеката Спа Франкошамп, и стигна до третиот триумф оваа сезона во Формула 1.

Австралиецот стигна до третата победа воопшто во својата кариера, овој пат со време од 1:24.36.556 часа. Место на подиумот обезбеди Нико Розберг кој беше прв на генералниот пласман, а членот на Вилијамс, Валтери Ботас заврши на третата позиција.

Почетокот на трката го одбележи мал инцидент помеѓу возачите на Мерцедес. Луис Хамилтон успеа да го мине Нико Розберг, но во следниот круг во обид да возврати, германскиот возач влезе во дуел со својот колега. По контактот тој го оштети своето крило и му ја дупна гумата на Хамилтон.

Во финишот на патеката Спа имаше голема борба за позицијата од петто до осмо место помеѓу Алонсо, Магнусен, Батон и Фетел, а голема среќа имаше Шпанецот кој за момент излета од патеката и успеа да се врати.

Рикардо на првата позиција стигна во шестиот круг и успеа да ја сочува до крај, а бодови имаше и за Кими Раиконен (Ферари), Себастијан Фетел (Ред Бул), Кевин Магнусен (Мекларен), Џенсон Батон (Мекларен), Фернандо Алонсо (Ферари), Серхио Перез (Форс Индија) и Данил Квајт (Торо Росо).

По 12 трки на лидерската позиција во Формула 1 шампионатот е Розберг со 220 бодови, втор е Хамилтон со 191, а на третата позиција е Рикардо со 156.

Следната трка се вози на патеката во Монца, Италија за две недели.

24 август 2014 - 16:16