Во авионската несреќа која што се случи на 28. ноември во Колумбија, еден од шесте преживеани, новинарот Рафаел Хензел вели дека пилотите се однесувале неодговорно. Хензел уште е во Колумбија каде се опоравува од повредите, а во неделата зборувал во отвореното студио на програмата Фантастико.
„Ниту во еден момент никој од пилотите или екипажот не ни кажа да ги врземе појасите. Само продолживме да летаме без никаква идеја што ќе се случи“, вели Хензел кој инаку е спортски новинар на радио од Бразил.
Во несреќата на авионот кој тргнал од Санта Круз во Боливија и кој поради недостиг на гориво се сруши на еден рид близу аеродромот во Меделин, од 77 патници само шестмина ја преживеаа несреќата.
Меѓу преживеаните се двајца членови на екипажот, новинарот Хензел и тројца фудбалери - Алан Рушел, Фолман и Нето, кој пред неколку часа излезе од кома но се уште не знае што се случило и прашувал како завршил мечот.
Хензел раскажал дека пред крајот на летот патниците прашувале кога ќе слетаат, на што членовите на екипажот им рекле „за десет минути“.
- Оддеднаш се изгаснаа сите светла и откажаа моторите на авионот. Сите потрчаа кон своите места и настојуваа да го врзат појасот само неколку моменти пред авионот да удри во ридот“, потресно раскажувал Хензел.
Кога се разбудил од бесознание ги видел луѓето од службите за спасување, а поради скршениците на ребрата имал неподнослива болка.
„Почнав да ги викам колегите кои седеа покрај мене до авионот, но сите беа мртви. Верувам дека преживевав само затоа што се разбудив кога покрај мене поминуваа припадниците на службите за спасување“, се сеќава Хензел на потресниот момент кога пред крајот на потрагата виделе дека и тој е преживеан.
На крајот од разговорот, новинарот Хензел вели дека “се гади од причините на несреќата“. ’Луѓето загинаа поради лоша проценка. Тоа е мошне одвратно’, заклучил Хензел.
Јавувањето на Рафаел Хензел од болницата во Меделин: