На ултра модерниот нов стадион на Тотенхем, пред 65.000 гледачи, Усик го изненади Ентони Џошуа и го победи по едногласна одлука на судиите (117:112, 116:112, 115:113). Украинецот стана само трет боксер во историјата кој доаѓа од крузер категорија и стана светски првак во тешка категорија (пред него само Ивандер Холифилд и Дејвид Хеј).
Усик има совршен професионален учинок со 19 победи на 19 меча!
Интересно, Украинецот кој е роден во Симферопољ, Кримска област на 17 јануари 1987-ма е роден на ист ден како и најголемиот боксер на сите времиња - Мухамед Али (Касиус Клеј).
Александар во Лондон, на „Тотенхем Хотспур Арена“ уште од старт наметна свое темпо кое Џошуа никако не можеше да го скроти со неговите карактеристични удари. Украинецот презема целосна контрола и не подлегна на пристрасното судење и домашните бучни навивачи.
Финишот на мечот донесе жестока битка а Усик успеа да ја сочува стабилноста, од рунда во рунда сè подобро боксуваше и заслужено славеше пред полн стадион навивачи на Британецот Џошуа во Лондон.
Ова му беше само трета борба во тешка категорија, а Џошуа го доживеа својот втор пораз во кариерата (има 24 победи). Според договорот има право на реванш, а Усик веќе прифатил реванш кој најверојатно ќе се организира во Украина.
Усик се расплака кога судиите ја соопштија одлуката и кога сфати дека одново ја качи Украина на светскиот боксерски врв по децениското владеење на браќата Кличко кои пред шест години беа тргнати од престолот.
„Ова многу ми значи! Борбата се одвиваше како што очекував. Имаше моменти кога Ентони силно ме притискаше но не беше ништо посебно. Немав за цел да го нокаутирам зошто мојот агол ме форсираше да не го правам тоа. На старт пробував да го удрам силно но после се држев до планот“, изјави пресреќниот Усик.
ГОЛЕМ ПРАВОСЛАВЕН ВЕРНИК
Усик имал мошне тешко детство. На 9 години паднал под мраз и завршил во болница со двострано воспаление на белите дробови. Тамо бил една година. И таму му се случил момент кој му го сменил животот. Од тогаш е голем православен верник.
„Кога бев во болница како дете, се појави свештеник. Ни даваше бомбони на сите, а децата трчаа околу него. Не беа свесни дека тој висок човек со црна брада и крст околу вратот дојде да ги спаси нашите грешни души. Седнав покрај него и го прашав каде е Бог, како живее, како може да не види и слушне? Ми одговори дека уште сум мал и ме праша зошто сум заинтересиран за Бога“, раскажал Усик и објаснил што се случило подоцна.
„Му реков на свештеникот дека имам чувство дека ќе го видам Бог скоро зошто го слуша разговорот на мајка ми со лекарите кои и рекоа дека сум многу болен.
Тогаш свештеникот ми кажа дека докторите не одлучуваат за тоа туку сам Бог се прашува дали ќе живееме или не. Од тој момент се решив да го следам нашиот спасител Исус Христос. Не ме прати тој мене, туку јас одам по него.
Секој ден сум му благодарен што ми дава нов ден живот“, вели Александар Усик, новиот светски шампион во тешка категорија.
Откако оздравел и закрепнал во целост, Усик редовно одел во селската помесна црква каде ѕвонарот (камбанарот) му дозволил да ѕвони во камбанаријата.
Украинскиот професионален боксер се прекрстува кога влегува во рингот, чита молитва пред и после мечот. Тоа му станало традиција:
„Тоа го правам зошто сум православен христијанин и влегувам во ринг како што влегувале нашите претци во бој. Кога оделе во војна, нашите баби им го шиеле псалмот 90 на униформите“.
Тој пали свеќи за себе и за своите противници, за да нема повреди. Се инспирира од зборовите на Мухамед Али со кој е роден на ист ден - 17 јануари: „Еднаш на Мухамед Али му рекле: Ти си веќе стар, никаков човек. Ти освен вера немаш ништо друго. А он одговорил: „Па глупчо, мене и ништо повеќе не ми треба од тоа.
Мене напред ме води православната вера. Ми помага кога сум физички исцрпен. Тогаш во раце го земам крстот, ја читам Господовата молитва и одам до крај. Она е како оган кој постојамо ме подгреба кога ми е ладно, кога ми е тешко, кога долго не ги гледам децата“.
ПРВО БИЛ ФУДБАЛЕР, ПА СО БРАЌАТА КЛИЧКО ТРГНАЛ ВО БОКСОТ
Тој прво почнал да тренира фудбал, па заиграл за второлигашот Таврија од Украина, но во 2002 година решава да се префрли на бокс, спорт кој повеќе му легнал. На почетокот на кариерата имал многу фрустрирачки порази но тоа го исчеличило и од него направил голем боксер кој на Олимписките Игри 2012 година во Лондон стана Олимписки шампион во тешка категорија.
Од аматерски бокс се повлекол со 335 победи и 15 порази, а после потпишал договор со легендарните браќа Кличко, Владимир и Виталиј кои му станале промотери и се грижеле за неговата кариера во професионални води.
Откако е влезен во професионалниот бокс, Усик има 19 победи на 19 меча. Пред мечот со Џошуа рекол дека воопшто не размислувал за противникот и огромниот број навивачи на Британецот.
„Не размислувам многу за Џошуа и неговата тактика, повеќе ме секира како му е на син ми во школо зошто само што тргна во прво одделение“, рекол пред борбата Усик.
Усик важи за семеен човек, со сопругата Катарина имаат три деца: Кирил (12), Михаил (8) и ќерката Елисавета (6).
Негов омилен светец е Александар Невски за кого вика дека е негов небесен покровител, заштитник. Сега чита житија на светите а во детството од мајка му дознал дека има религиозна литература.
„Во болницата во која лежев како мал имаше мала црквичка. Таму ни даваа книгички и мајка ми ми ги даваше да ги читам. „Оче наш“ е единствена молитва која ја знаев уште од детство. Тогаш постојано пред да легнам да спијам и наутро кога станував читав молитва.
СВЕТА ВОДА НА ТРЕНИНГ, КРСТ ОКОЛУ ВРАТ И ПОБЕДНИЧКА МОЛИТВА НА ОЛИМПИЈАДА
На тренинг тренерот на Усик, Анатолиј Ломаченко на него и на другите боксери им давал да пијат и да се умиваат со света вода. Со себе Усик секаде носи свеќички, икони, света вода, молитвеник, темјан. Пред борбите чита молитва до Свети Ѓорѓи Победоносец, до архангел Михаил и 90-ти псалм.
Во боксерската репрезентација на Украина имало некој боксер атеист но Усик му подарил икона за роденден и од тогаш го заинтересирала верата. „Еден дечко, Паша Ишенко е добар, начитан, викаше дека не верува. Но како еднаш пред еден турнир дојде свештеник и прочита молебан, Паша се прекрсти пред Евангелието а свештеникот го окропи со света вода. Паша победи и освои лиценца за Олимписки Игри. После тоа почна често да оди во црква.
„Уште не знам во што верувам, но во црква одам“. Сега на сите собири тој има икони на плакарот“, раскажува Усик за колега од репрезентацијата на Украина.