Под голем емотивен набој, Рафаел Надал се прости од тенисот пред своите

Најдобриот шпански спортист на сите времиња, како што го нарекоа шпанските медиуми, се збогуваше со тенискиот рекет. Го стигнаа многу емоции откако неколку илјади шпански навивачи громогласно му го скандираа името.

Репрезентацијата на Холандија ја победи Шпанија во четвртфинале на Дејвис Купот со 2-1 откако прво Ботик Ван де Зандшулп (80-ти на свет) го победи токму Надал со 2-0 по сетови 6:4, 6:4, подоцна Алкараз израмни на 1-1 откако го доби Телон Грикспор со 2-0 по сетови 7:6, 6:3, а на крај во решавачкиот меч во дубл Алкараз и Марсел Гранољерс изгубија 2-0 од Весли Колхоф и Ботик ван де Зандшулп.

Тоа значеше и дефинитивен крај на кариерата на славниот и легендарен Рафаел Надал кој заплака за време на интонирање на шпанската химна пред почетокот на четвртфиналето против Холандија во Малага.

Големиот Рафа ја завршува кариерата со дури 22 Гренд Слем пехари, со 36 Мастерси, со вкупно 92 шампионски титули од кои и две олимписки злата. Одигра голем број неверојатни мечеви против големи ривали.

Шпанскиот селектор и јавност можеби свесно „го жртвувваа“ овогодишниот Дејвис Куп затоа што Рафаел Надал играше пред Роберто Баутиста кој е во далеку подобра форма, игра одлично во услови во сала и неодамна освои титула во Атнверпен, така што ќе беше сигурен фаворит против холандските ривали.

Рафа и самиот после мечот за себе изјави: „Да бев јас селекторот немаше да го ставам Надал во игра“. Но ова беше прекрасна можност Рафаел да стави точка на својата неверојатно богата кариера, како што и самиот најави, во Малага пред своја публика.

20 ноември 2024 - 07:55