Еден ден откако 70% од граѓаните на Краков гласаа против на референдумот за Олимписките игри, полскиот град ја повлече својата кандидатура за најмасовниот зимски собир на спортисти кој треба да се одржи во 2022-та година.
Во јануари, Стокхолм - уште еден од првичните шест кандидати ја повлече кандидатурата откако владеачката партија во Шведска одби да ги финансира игрите. Според нив, бесмислено е да се фрлаат стотици милиони за градби кои ќе се користат само две недели.
Минатата година во ноември, граѓаните на Минхен исто така гласаа против кандидатурата за домаќин на Олимписките игри.
Во март минатата година пропадна заедничката кандидатура на швајцарските Давос и Сент Мориц откако и таа беше одбиена на референдум.
Преостануваат уште четири кандидатури од кои две се на стаклени нозе. Кандидатурата на норвешкиот град Осло едвај помина на референдум, но опозицијата се зголеми и во неделата една од партиите која е член на владеачката гарнитура гласаше против финансирањето на Олимписките игри.
Кандидатурата на украинскиот Лвив полека пропаѓа заради воената состојба во земјата.
Останаа само уште две кандидатури: Алмати од Казахстан и Пекинг од Кина. Заедничко за овие две кандидатури е тоа што никој воопшто не ги ни прашува граѓаните дали се заинтересирани да бидат домаќини на Зимските Олимписки игри во 2022-та година.