Непристојниот Хамилтон во конфликт со Розберг и хостесата

Проблематичниот однос од минатата сезона, пилотите на Мерцедес го продолжија и по трката за ГН на Кина. По триумфот во Кина, Хамилтон ја испрска хостесата со шампањ па сега го критикуваат од сите страни.

Потребни беа само три трки од новата, Нико Розберг и Луис Хамилтон повторно да влезат во отворена војна. Полемиката започна по трката во Кина, каде славеше Британецот пред неговиот клупски колега, кој го обвини дека возел полека само за да ги заштити гумите и на тој начин му овозможил на Себастијан Фетел од Ферари да му се приближи премногу.

На ваквата објава на Твитер од Германецот, веднаш реплицираше Хамилтон кој напиша: „Не е моја работа да мислам на трката на Нико. Моја работа е да го одржам болидот во идеална состојба и да дојдам до целта што е можно побрзо. Никој не сум забавувал со бавното возење и бев фокусиран само на себе“, нагласи Британецот.

Розберг не остана покус, па веднаш врати дека Хамилтон му ја упропастил трката во Кина.

„Не е забавно да се слушне од тебе Луис дека си мислел само на својот ритам на чело на колоната. Тоа беше непотребно и сметам дека мојата трка беше компромитирачка, затоа што возеше многу бавно а тоа го искористи Фетел за да ме нападне“, констатираше Нико Розберг.

Луис Хамилтон во меѓувреме се најде на удар на јавноста, поради лошиот гест кога при прослава на победата ја испрска со шампањ хостесата која стоеше до него.

За разлика од Ф1 каде прскањето хостеси е забрането, во Мото ГП шампионатот истото е вообичаена пракса. На тој начин Валентино Роси секој подиум го прославува така што ги полива хостесите со победничкиот шампањ. На Хамилтон не му е прв пат да направи ваков испад, затоа што го критикуваа и лани откако испрска хостеса на подиумот во Каталуња.

14 април 2015 - 16:51