Најстариот олимписки шампион не успорува на 98 години

Шандор Тарикс со своите 98 години е најстариот жив олимписки шампион кој го освои златото во ватерполо постигнувајќи седум гола против Германија и тоа пред очите на Адолф Хитлер на Олимписките игри во Берлин во 1936-та година.

Тарикс ќе наполни 99 години во септември, но вели дека се чувствува одлично покрај неговата 20 години помлада сопруга која според него изгледа како 58 годишна. До пред неколку години тој секојдневно играл тенис, а сега ужива во пливањето во својот базен, исто како и пред 76 години кога со ватерполо репрезентацијата на Унгарија го освои златото на Олимписките игри во нацистичка Германија.

Во тоа време не постоеле затворени базени во Унгарија па тие тренирале ватерполо само на лето, а во зима тренирале бокс.

Ватерполото е груб спорт. Ние трениравме бокс, но учевме како да примиме удар, а не да удираме. Ако се плашиш дека ќе те повредат, тогаш нема да бидеш добар ватерполист. Затоа трениравме бокс за да научиме како да ги прифатиме ударите и да не се жалиме", изјави Тарикс.

Шандор се уште е херој во Унгарија. Тој бил член на легендарната репрезентација која била непоразена цели девет години, а останала непоразена и на натпреварот против Германија на Олимписките игри во Берлин во присуство на Адолф Хитлер.

Но неколку години подоцна започнала војната. Шандор се подготвувал за следните Олимписки игри, но тие биле откажани. Тој бил приморан да се пресели во САД каде станал архитект, а подоцна и професор.

Телото го одржува со пливање, а мозокот со неговото хоби - решавање на тешки математички задачи. Тарикс не планира да успори. Неговиот план е да живее барем до 103-та година за да може да ги посети и Олимписките игри во Рио де Женеиро.

25 јули 2012 - 09:40