Марихуаната подостапна за спортистите од 2015 година

Светската анти-допинг агенција (ВАДА) стана потелерантна кон спортистите кои се љубители на марихуаната и донесе нови правила кои ќе стапат во сила за 2 години.

ВАДА одлучи да ја зголеми толеранцијата на количината на супстанцата тетрахидроканабинол, која е застапена во марихуаната и која од сега наместо 15 ќе може да биде дозволена количински во организмот дури 150 нанограми во милилитар.

Одлуката е донесена уште пред започнување на светската конференција на анти-допинг агецијата која ќе се одржи во Јоханесбург во ноември оваа година, каде ќе се утврдат новите правила за спортистите кои ќе важат од 2015 година.

Со овој нов потег се очекува над 80 проценти од случаите кои на анти-допинг тестовите се покажуваат како позитивни од сега да не се регистираат како случаи кои ја надминале границата.

Во 2011 година во светот се регистирани 445 случаи на пушење марихуана кај спортистите, а еден од најпопуларните имиња за кој се пишуваше е пливачот Мајкл Фелпс.

Светската анти-допинг агенција секоја година ја обновува забранетата листа, а за да се најде некоја супстанца на оваа листа, треба да исполнува два од трите услови:

- супстанцата делува на перформансите на спортистите
- користењето на супстанцата е против спортскиот дух
- супстанцата е опасна по здравјето на спортистите