Последниот твит со кој Надал објави дека нема да настапи на овогодишниот турнир во Њујорк е само еден од низата откази на Шпанецот во САД.
На 1. февруари 2009. година, по четири ипол часовна борба во Мелбурн, Надал го победи Федерер во финалето кое донесе и солзи, затоа што со триумфот, светскиот ас го освои шестиот Грен слем трофеј.
Со 4 Ролан Гарос титули, 1 Вимблдон и 1 Аустралија Опен, на Рафа му недостигаше само уште УС Опен да ја комплетира богатата кариера со Грен слемови, па тргна во лов по отвореното првенство во САД.
Во намерата да стигне до посакуваниот пехар во истата 2009. година, го спречија повредите како и нешто послабата физичка подготвеност.
Освен победата во Австралија, таа година беше година за заборав на Надал, затоа што го доживеа првиот и единствен пораз во кариерата на Ролан Гарос. Швеѓанецот Робин Содерлинг тогаш му го зеде скалпот на внукот на Тони во Париз.
Веднаш потоа, Надал објави дека ќе го ризикува елитниот Вимблдон, се’ со цел да биде целосно подготвен за УС Опен кон крајот на август таа година.
Тоа беше залудно, затоа што Аргентинецот Дел Потро без пардон го совлада Рафа во полуфиналето, а потоа славеше и во финалето против Федерер.
Следната 2010. година беше златна за Надал, кој покрај поразот во ¼ финалето во Мелбурн, ги освои сите останати Грен Слем турнири, меѓу кој и неговиот прв УС Опен.
По голема борба, Рафа го совлада Ѓоковиќ и на тој начин ја комплетираше трофејната сала, која стана побогата за пехарот кој недостасуваше.
Оттогаш па наваму трае сложениот однос на Рафа Надал со Флешинг Медоус терените. Во 2011. година доживеа тежок пораз од Новак. Следната 2012. Надал како по навика го освои Ролан Гарос, но ја повреди тетивата која го оддалечи од Олимпијадата и од втората половина на сезоната, во која го пропушти и УС Опен.
Минатата година Надал го пропушти Аустралија Опен, по осми пат победи на Ролан Гарос, испадна во второто коло на Вимблдон, но се задоволи со вториот пехар во Њујорк каде повторно беше поуспешен од Ѓоковиќ.
Сега се наоѓа на втората позиција на АТП листата со 2.100 бодови помалку од Новак Ѓоковиќ. Поради отсуството на двата мастерса кои се играа минатиот месец загуби 2.000 поени, а титулата која нема да биде во можност да ја брани во Њујорк ќе го скуси со уште 2.000 поени како и најверојатно пад на третата позиција.