Ѓоковиќ е луд, го издржа најдолгото четвртфинале во историја на Вимблдон

Седумкратниот освојувач на Вимблдон одново ги помести човечките граници во тенисот. Со 39 години, стана најстар полуфиналист во Лондон во последните 50 години. И тоа во рововска битка на само 6 минути пред строгиот лондонски полициски час во 23:00 часот против 13 години помлад играч.

Трилерот на централниот терен траеше неверојатни 5 часа и 15 минути, за на крај Ѓоковиќ да победи го победи Феликс Оже-Алијасим со 3:2 во сетови или 7-6(10), 3-6, 6-3, 6-7(4), 7-6(10-4).

Оваа епска битка го надмина претходниот рекорд од 2008 година помеѓу Рајнер Шитлер и Арно Клеман (5 часа и 12 минути).

Ова беше нивен втор меѓусебен дуел. Првиот го одиграа во четвртфиналето на Мастерсот во Рим во 2022 година, кога Ѓоковиќ славеше со 7:5, 7:6 (7:1). Во меѓувреме, канадскиот тенисер значително напредуваше и денес важи за еден од најдобрите играчи на АТП.

Сепак, кога најмногу беше потребно, искуството, квалитетот и менталната сила и цврстина беа на страната на српскиот ас, кој продолжува во полуфиналето и останува во трка за нова титула на Вимблдон.

Дуелот беше исполнет со пресврти, физички проблеми и тенис на највисоко ниво. И двајцата тенисери одиграа извонреден меч, а победникот беше решен дури по пет исцрпувачки сета.

Ѓоковиќ постави и рекорд од 50 натпревари одиграни во пет сета на Гренд слемовите. Вавринка има 49, а Федерер 48.

Србинот воедно го зголеми и својот апсолутен рекорд од 107 победи на лондонската трева.

За место во големото финале ќе се бори против бранител на трофејот и светски рекет број еден, Јаник Синер.

8 јули 2026 - 07:47