Ф1: Рикардо ја освои Будимпешта

После десет години суша, на Хунгароринг дожд и нов победник. Австралиецот Даниел Рикардо прв стигна до целта на возбудливата трка во главниот град на Унгарија. Алонсо од Ферари втор, а Хамилтон од дваесетти, на крајот трет.

Ретко кој предвидуваше вака возбудлива трка за Големата награда на Будимпешта.

Даниел Рикардо од Ред Бул приреди луда завршница откако во само три круга (од 67 до 70), најпрвин го мина Луис Хамилтон, а потоа и Фернандо Алонсо и после Канада, повторно се врати на подиумот.

Лидерот во генералниот пласман, Нико Розберг од Мерцедес стартуваше прв после успешните квалификации, но денес заврши четврти, зад својот колега.

Германецот очигледно беше жртва на конфузната стратегија на тимот, кој неколку пати даваше нелогични сугестии за дефанзивно возење.

Најголемиот конкурент на Розберг за титулата, неговиот тимски колега, Луис Хамилтон стартуваше последен, поради пламенот кој го зафати неговиот болид за време на саботните квалификации.

Самиот почеток на Хунгароринг донесе возбудувања. Хамилтон, кој почна како 20 - ти, излета на првиот свиок но продолжи и на крајот заврши трет.

Сите останати, за време на досегашните 10 трки само еднаш го симнаа Мерцедес од подиумот. Се очекуваше глатка победа на Розберг, главниот фаворит за титулата, но во таа намера го спречи Австралиецот Даниел Рикардо.

На повидок е бурна недела во редовите на Мерцедес, откако Хамилтон неколку пати добиваше наредби од тимот да го пропушти својот колега Нико Розберг.

Сосема вообичаено и покрај сите потешкотии кои ги имаше, Хамилтон повторно извозе фантастична трка и заслужено е третопласиран.

Следната трка се вози во Белгија дури после 4 недели, период предвиден како пауза меѓу двете полусезони.

 

27 јули 2014 - 16:17