И покрај тоа што го постигна најголемиот успех за Македонија на едни Олимписки игри со освоениот сребрен медал и очекувано беше прогласен за спортист на годината, Дејан Георгиевски кој ја прослави нашата држава преку теквондо, не го доби највисокиот ваучер од АМС.
Тој му припадна на каратистот Емил Павлов, кој освои сребро на ланското Светско првенство во карате и доби 500.000 денари, а втор најголем ваучер за оваа година има параолимпијката во стрелаштво Оливера Накова-Бикова од 400.000 денари.
Георгиевски од државната АМС за 2022 година доби 350.000 денари, исто колку борачот и олимпиец Могамедгаџи Нуров.
Разочарувањето го изрази преку Фејсбук:
Почитувани драги пријатели
Фала му на Господ тренирам како никогаш до сега, живеам за моментот кога повторно ќе ја израдувам Македонија, роднините, пријателите, целиот народ !
Тренерите, клубските другари сите сме фокусирани на Париз, ние сме одлучни, Господ ќе реши.
Овој пат сакам да се обратам токму на мојот народ, на новинарите, на сите оние кои се радуваа заедно со мене кога стигнавме до историскиот сребрен медал, се обраќам до сите оние кои конечно по долгиот олимписки мрак видоа светлина за македонскиот олимписки спорт, до сите што се почуствуваа горди и исполнети, до сите оние кои кога го видоа македонското знаме на олимпискиот трон се почуствуваа македонски !
Очекувано бев прогласен за најдобар спортист во 2021 година, но ни малку не очекувано денес дознав дека спортските ваучери кои ги доделува АМС т.е вчерашната одлука за ваучери се надевам не свесно цели да го понижи мојот НАШИОТ олимписки успех, мојот олимписки сребрен медал, прв во историјата на независна Македонија.
Никогаш нема да си дозволам да нападнам било чив спортски успех, најпрво затоа што така ме воспитале моите трнери а потоа затоа што многу добро знам што значи спортскиот витешки мегдан, без разлика за кој спорт станува збор.
Но никако не можам да разберам како било кој друг спортист во овој момент може да има поголема финансиска добивка со спортски ваучер од мојот успех, никој здраворазумен во нашата држава нема да најде здрава логика во ова што беше направено вчера од страна на комисијата за доделување ваучери при АМС. Срамно !
Не сакам ни да помислам дека станува збор за намерно и свесно напаѓање на сребрениот олимписки медал, уште помалку не сакам да помислам дека во сето ова е вмешана политика или нешто слично.
Само сакам уште денеска оваа неправда да биде решена, ова го барам исклучително од принципиелни причини, барам за да го одбранам со крв донесениот историски сребрен медал од Токио, барам јас Дејан Георгиевски олимпискиот сребрен медалист, но сакам заедно со мене да побарате и СИТЕ ВИЕ затоа што овој успех, овој олимписки медал, овој остварен олимписки сон ни припаѓа на СИТЕ НАС, и никој, апсолутно никој нема право да фрли сенка на истиот.
Од принцип сега за сега не сакам да навлезам и да посочам на јавноста низ какви премрежија од институциите поминував пред да го освојам олимпискиот медал, веројатно ќе дојде момент и за тоа.
Почитувани,
Никогаш парите не ми биле мотив, мотивот ми е Македонија !
Одиме во Париз, одиме по ЗЛАТО !