Ракометарките на Ѓер и ЖРК Вардар целосно го оправдаа епитетот дерби во 5. коло од Лигата на шампионите и приредија одлична ракометна претстава во која на крајот за жал Вардарки не успеаа да ги соберат бодовите. Тоа се должеше на лошото второ полувреме во кое целосно потфрлија.
Првата предност за избраничките на Кастратовиќ се случи во 9 минута кога со головите на Пенезиќ и Радичевиќ имаа 3:5. Се играше брз и динамичен ракомет со бркотница на теренот, а домаќинките беа тие кои го бркаа водството на нашите ракометарки од гол до два разлика.
Клучните моменти за повисоко водство на Вардарки се случуваше од 21 минута кога со една ракометарка помалку одиграа три фантастични напади во низа. Најпрво реализираше Лекиќ, а потоа Радичевиќ одлично се ослободи од својот чувар за уште еден погодок. Највисоката предност од +4 ја направи Сања Дамјановиќ со проектил од 9 метри.
Унгарките возвратија со два гола, но Дамјановиќ повторно реализираше, а по неа преку брза контра својот прв гол на овој натпревар го постигна Маја Сокач за одржување на највисоката предноста на македонскиот шампион.
Вардарки во првиот дел имаа контрола во поголемиот дел од мечот, а покрај одличната реализација, добро функционираше и одбрана, особено Ина Суслуна која имаше 8 интервенции. На пауза резултатот беше 14:17.
Во второто полувреме на терен како да излезе еден друг Вардар кој се загуби во сите сегменти од играта. Ѓер во првите 12 минути направи извонредна серија од 8:1 за целосен пресврт и водство од 21:18.
Црната серија ја прекина Дембеле која постигна два гола по ред, но Ѓер се уште беше подобар противник и ја одржуваше предноста од три гола. Вардарки имаа многу проблеми со реализацијата и шутираа од очај.
Неизвесноста конечно се врати во 54 минута кога со голот на Дамјановиќ, Ѓер беше на само +1. На две минути до крајот на средбата домаќините остана без Аморим која доби црвен картон.
Тренерот на Ѓер свика тајм аут за да го организира последниот напад на мечот од 23 секунди и буквално со последниот свиреж на судијата стигна до триумф од 28:27.
Дембеле, Хмирова и Радичевиќ реализираа по 4 погодоци. ЖРК Вардар е на втора позиција во групата со два бода помалку од Ѓер, а во последното коло го пречекува Хипо.