Дека средбата на ЖРК Вардар против Лајпциг ќе биде само лесен тренинг за нашите ракометарки тоа беше познато. Во Скопје тој дуел заврши 41:24, а на раваншот беа уште поубедливи и победија 45:22.
Со овој триумф македонскиот шампион стигна до 5 победи и едно реми во групната фаза и откако во првото коло ремизираше со ФТЦ Раил Карго, потоа зема залет и со убедливи 5 од 5 си го бетонираше првото место.
Вардарки во 5 минута губеа 4:2, па во 10-тата 5:4, но потоа направија пресврт и покажаа кој ќе биде газда на теренот. Во последните 20 минути од првиот дел направија луда серија од 18:4 за предност на полувреме од 22:9. Резултат по кој секоја екипа би кренала бело знаме.
Најефикасна во составот на Вардар беше Французинката Александра Лакрабер со перфектни 10 од 10. Без промашување беа и Јованка Радичевиќ со 5/5, Андреа Човиќ и Сара Ристовска со 4/4.
Стариот познаник Будуќност, повторно ќе биде противник на ЖРК Вардар, овојпат во главната фаза од Лигата на шампионите. Вардар ќе почне како лидер со седум бода, Будуќност со шест, Мец со четири, Ференцварош со три, Турингер со два бода, а Астраханочка без ниеден бод.
Следната фаза стартува на 27 јануари.