Третото место во Лигата на шампионите од минатата година носи одговорност, а првите бодови во сезоната, „црвено-црните“ ќе ги бараат на домашен терен против германскиот противник. Кастратовиќ најпрво се наврати на поразот од Подгорица каде играта не беше на ниво.
„Не само вие новинарите, туку и целата јавност очекуваше подобар настап. Не бараме оправдување, знаеме каде грешевме и целосно сме подготвени да забележиме прва победа во групата. Турингер го познаваме од лани, игравме во иста група и за разлика од минатата година во составот ја немаат Барбоса, која им беше водечки играч“, изјави Индира Кастратовиќ во пресрет на саботниот меч со Германките.
Свое видување за играта на Туринген имаше и Гордана Нацева, која изјави дека германскиот состав на необичен начин ги користи ситуациите со играч повеќе.
„Очекувам сигурна победа, затоа што верувам дека девојките и стручниот штаб имаа доволно време да ги анализираат пропустите во играта со Будуќност. Колку побрзо го заборават поразот од Подгорица, толку подобро ќе се фокусираат на следниот противник. Не знам дали сте забележиле, целата сезона лани и годинава, во моментите кога има играч повеќе, Туринген го вади својот голман и со седми играч напаѓаат без голман. Против Подравка дури 15 минути играа без голман додека се во нападот“, изјави претседателот на ЖРК Вардар
Дека целата екипа играла бледо во првото коло во Црна Гора, призна и Јованка Радичевиќ.
„Секој почетен пораз знае да донесе и добри нешта. Цврсто сме решени против Туринген од самиот старт да покажеме кој е газда во оваа сала. Денес ми е роденден и најголема желба ми е да ги видам Комитите зад голот во сабота. Што се однесува до противникот, носени од минатогодишното искуство, знаеме дека против себе ќе имаме противник кој ги има најдобрите контри и полуконтри во Европа. Видовме каде грешевме против Будуќност и сигурна сум дека ќе ја оствариме нашата цел, а тоа е победа против Туринген и први бодови“, констатираше Радичевиќ.
Денешната конференција ЖРК Вардар ја одржа со претставник од Комитите кој изјави дека ќе почнат да го бодрат во сала и женскиот клуб на црвено црните.