Женскиот клуб на Вардар во новата сезона од ракометната Лига на шампиони ќе добие засилување, а тоа е поддршката од Комитите кои ја најавија својата поддршка на натпреварите од најквалитетно клупско европско натпреварување.
„Ја разбирам нивната политика, но љубоморни сме кога ќе ја видиме атмосферата која ја создаваат додека игра машкиот клуб. Морам да признаат дека сега сум малку возбудена, а кој знае како ќе биде кога ќе ги видам зад голот на нашите натпревари. Се надевам дека „Јане Сандански“ ќе стане неосвоива тврдина како за машкиот така и за женскиот клуб. Мојата желба е во сабота да дојдете во што поголем број и заедно да ја прославиме победата“, изјави Јованка Радичевиќ
На големата поддршка на Комитите се потсетија поранешните европски шампиони Гордана Нацева и Индира Кастратовиќ кои како играчи во 2002 година со Кометал Ѓорче Петров го освоија пехарот во Лигата на шампионите.
„Како играч знам многу добро што значи тоа и посакувам таа атмосфера да ја осетат и девојките, бидејќи тоа ќе им даде крилја. Со нивна помош мислам дека резултатите ќе бидат подобри, затоа што сум рекла повеќе пати дека овие навивачи се најдобрите во Европа. Се надевам дека ќе доаѓаат во голем број и дека заедно ќе славиме победи“, изјави Кастратовиќ
ЖРК Вардар реши од секој продаден билет за натпреварот против Турингер 30 денари да бидат доделени како хуманитарна помош за навивачот Горан Николовски – Турнич кој беше повреден за време на фудбалското дерби помеѓу Пелистер и Вардар.
„Ние секогаш сме со Вардар, и се надевам дека големата поддршка кој ја даваме за машкиот клуб, со тек на време ќе стане традиција и за женскиот. Задоволни сме за иницијативата за Турчин. Поддршка за него има од јавни личности, од граѓански здруженија и сега ми е мило што тоа го прават и ЖРК Вардар. Ја повикуваме цела македонска јавност во сабота да ја наполниме „Јане Сандански“, да направиме убава атмосфера и добар резултат“, изјави членот на Комитите, Милорад Миленковски
Ракометарките на ЖРК Вардар ќе соберат дополнителен фонд на пари кои ќе ги донираат за навивачот.