Вардар Про беше подобар противник во првиот дел и постојано го одржуваше водството кое во 18 и 25 минута изнесуваше +3. Како и на секое претходно дерби се играше доста груб ракомет во тензична атмосфера, а „Црвено црните" демонстрираа многу силна одбрана поради која во првите 20 минути Металург успеа да постигне само 4 гола.
Големата ракометна битка беше прекината во 28 минута кога помеѓу ракометарите избија искри, а се вмеша и темпераментниот Вујовиќ кој доста нервозно бараше правда кај судиите, а веднаш потоа доби црвен картон, исто како и Абутовиќ и Миркуловски. Резултатот по првиот дел беше 12:8 за Вардар.
Ракометарите на Вардар Про го диктираа темпото и во второто полувреме со солидна предност која варираше од 3 до 4 гола разлика. Металург стигна до 2 гола негатива, но немаше сили да се врати резултатски и на крајот загуби со 22:19.
Најзаслужни за големиот триумф на Вардар беа Милиќ со 11 одбрани и Карачиќ со 8 гола. Кај Металург најпрецизен беше Вугринец со 7 гола.