По рекорден петти пат ракометарките на Вардар ќе играат на Фајнал Фор турнирот, а во вторник ќе го дознаат противникот во полуфиналето на Ф4 кој ќе се игра во Будимпешта.
До својот 13. триумф сезонава девојките во „црвено-црно“ стигнаа на фуриозен начин. Во Данска на првиот меч славеа само со еден гол разлика па вечерва демонстрираа доминација.
Избраничките на Ирина Дибирова од старт наметнаа свој ритам и го преземаа водството кое не го испуштаа од рака. Прва осетна разлика домаќинките имаа по првите десет минути кога водеа 8-5 а набрзо следуваше серија која донесе 12-8.
Гостинките од Данска, традиционално упорни и борбени се обидуваа преку Вероника Кристијансен која во првиот дел даде 8 од 12 гола за својот тим. До паузата Вардарки покажаа уште од својот репертоар и заслужено отидоа на одмор со предност 17-12.
Ако во претходните кола вториот дел Вардар полека забрзуваше, овојпат тоа не беше случај. Само што истрчаа на паркет продолжија да мелат во исто темпо а на голот брилјираше Лејно.
До крајот решетаа Андреа Лекиќ, Андреа Пенезиќ и Кузњецова за убедлива победа од 7 гола, 32-25.
Покрај Вардарки, карта за Ф4 во Будимпешта чекираше уште и Ростов Дон а за останатите места ќе се чека на доигрување на дуелите Ѓер - Будуќност и Мец - ЧСМ Букурешт. Полуфиналето на Фајнал Фор се игра на 12 мај а финалето е закажано за 13 мај.