Новиот главен тренер на Вардар, Давид Дејвис како да ги склопи сите коцки во тимот кој како „да шкрипеше“ пред смената во стручниот штаб. „Вардарки“ играат маестрален ракомет веќе три кола по ред, а вечерва демонстрираа сила против првакот на Унгарија кого го „уништија“ со 14 голови разлика.
Освен воведните 1-1, македонскиот состав не им дозволи на домаќинките да се размавнат како во Скопје пред повеќе од еден месец и ја преземаа целосната контрола врз мечот.
До двоцифрена предност, „црвено-црните“ стигнаа веќе по 20. минути игра. Првото полувреме беше како од соништата за Вардар кој погоди буквално се што шутна во противничкиот гол. Андреа Пенезиќ која денес го прослави својот 31-ви роденден со ефектен гол го затвори првото полувреме со 12:21 за македонскиот шампион.
Ништо драстично не се смени ниту во вториот период кога избраничките на францускиот тренер ја продолжија убиствената серија. Ференцварош во еден момент се обиде да се врати на пристојна разлика (14-21), но повратничката Андреа Лекиќ која паузираше повеќе од 3 месеци после операцијата не дозволи изненадување. Српската репрезентативка со 7 погодоци беше најефикасна кај Вардарки, а Јованка Радичевиќ и Масвар по 6 пати се запишаа во листата на стрелците. Славеничката Пенезиќ даде 4 гола.
Вардарки со овој триумф завршуваат како први во групата Б и префрлаат бодови во следната фаза од Лигата на шампионите. Во последното коло Вардар му гостува на Лајпциг во Германија, а Ференцварош ќе патува кај Астраханочка во Русија.