Пеколно тешко финале, а каков и може да биде мечот за титулата европски шампион? Еден од најмоќните женски ракометни клубови, Ѓер вечерва имаше поддршка од 12.000 навивачи во арената „Ласло Пап“.
Вардарки, осоколени од маестралната игра во полуфиналето против Букурешт синоќа, тргнаа храбро и после првите 4 минути со головите на Радичевиќ и Лекиќ водеа 2-3. Прилично очекувано, Унгарките возвратија јуришно и стекнаа водство кое изнесуваше 2-3 гола и кое го чуваа во текот на целиот прв дел.
Ветеранката Анита Горбиц (33 години, повеќе од 800 гола во ЛШ) беше нерешлива енигма за Вардар и со три гола по ред ја одржуваше позитивата на Ѓер, но и домашната публика на нозе. Клупата на Вардар се обиде со ротација на голманската позиција Лејно-Суслина (Гримзбо од Ѓер имаше повеќе одбрани од двете заедно). До крајот на првиот дел Вардар постојано бркаше резултат, но во таа намера ја имаше единствено расположената Андреа Пенезиќ која не можеше сама.
Единствен момент вреден за одбележување од првиот дел е бомбата на хрватската ракометарка од 10 метри за 9-9 затоа што двете екипи имаа цели 8 минути без постигнат гол. На паузата се замина со 15-12 за Ѓер кој го принуди Вардар долго да ја бара својата игра.
Half-time in the #ehffinal4 final comes after a ridiculously well-worked goal by Györ, who lead 15:12. What a first half! #GYOVAR
— #ehffinal4 (@ehfcl) May 7, 2017
Скопјанки го почнаа вториот дел со третата голманка на голот Бесоа, но тоа не ја спречи Бразилката Аморим со проектил да зголеми на 16-12. Од тој момент Вардар заигра поцврсто во одбрана и со разновиден напад се врати на 16-14, но никако не успеваше да фати резултатски приклучок.
Во ситуација кога останатите колешки беа немоќни пред ѕидот на Ѓер, Јованка Радичевиќ и Французинката Лакрабер беа единствени кои ги влечеа конците и го одржуваа Вардар во живот. Црвено-црните успеаа да се вратат на -1 во 47’ минута од мечот а клупата на нашиот шампион се реши да не ротира многу па неочекувано делуваше одлуката Сања Дамјановиќ да не добие прилика во тој период.
Нивните соло-завршници како да ги мотивираа Вардарки да тргнат на сè или ништо.
Ања Алтхаус со 5. гол (вкупно 33 во ЛШ сезонава) на 10 минути пред крајот одново го врати Вардар на само гол негатива, и тоа во моменти кога Ѓер сериозно почна да паѓа. Германката реши да го искористи моментумот и набрзо со шести гол а трет по ред го израмни резултатот после долго време.
Драмата следуваше во последните пет минути од големото финале. Андреа Лекиќ со бомба возврати на голот на Горбиц и израмни на 25-25.
Кокшаров и Дибирова, тандемот кој ги водеше Вардарки од клупата се обидоа со Лејно да донесат стабилност на голот, но проблем се јави со 2. исклучување на Андреа Пенезиќ. Словенката Тамара Мавсар, со играч помалку на 53 секунди до крајот го постигна најважниот гол од кога е во Вардар израмни на 26-26 па се тргна во продолжение!
An astonishing end to 60 minutes of this final, but it ain't over yet. Extra-time!#GYOVAR #ehffinal4
— #ehffinal4 (@ehfcl) May 7, 2017
Overtime!! @GyoriAudiETO 26 : 26 @VardarZRK #ehffinal4 pic.twitter.com/psK56sY26J
— EHF Live (@EHF_Live) May 7, 2017
Во дополнителното време, Ѓер искористи две технички грешки на Вардар и брзински стекна високи 3 гола предност благодарение на Анита Горбиц. Во тој период заморот беше присутен кај речиси сите на теренот освен кај Андреа Лекиќ која на истекот од првото продолжение со страшен гол (4-ти на мечот) под блокот намали на 28-27.
За жал, со играч помалку, Нора Мор со шестиот погодок го однесе домаќинот на 31-29 а времето работеше за Ѓер. До крајот Лакрабер од пенал намали на 31-30 но тоа не беше доволно и Ѓер стана европски шампион.