Топ вест за навивачите на Вардар, Дибиров останува

Само еден месец откако соопшти дека ја завршува големата скопска авантура, руското крило сепак ја продолжува верноста кон црвено црните и со тоа ќе ја запише сезоната број 10.

Тимур Дибиров ќе го носи дресот на Вардар и во следната сезона, најмалку до јуни 2023 година, со можност за продолжување на соработката, стои на веб сајтот на клубот.

Тоа значи дека незаменливото лево крило на Вардар кое на 30 јули полни 39 години, ќе одбележи јубилејни 10 години верност.

Дибиров е еден од ракометарите со најдолг стаж во Вардар, миленик на публиката и еден од најважните играчи во костурот на екипата.

„Среќен сум што останувам во Вардар. Не можам да се замислам во друг дрес и друг клуб. Им благодарам на сите за поддршката што ми ја даваат. Со клубот се договоривме за продолжување на соработката и заедно да постигнуваме резултати како и досега, изјави Дибиров за клупскиот сајт.

Откако во 2013 година пристигна во Скопје, Дибиров освои вкупно 21 трофеј од кои 6 шампионски титули, 6 купови, 3 Суперкупови, 4 титули во СЕХА лига и како кулминација 2 титули во ЛШ.

Таа бројка наскоро се очекува да рипне, бидејќи во финишот на сезоната Вардар го доби клучниот меч за титулата против Еурофарм Пелистер, а во игра е и за Купот.

12 мај 2022 - 12:39