Тренерската вртелешка на клупата на Вардар продолжува. По дебаклот во Мец, управата на клубот го прифатила барањето на досегашниот тренер од Франција Давид Дејвис да продолжи да работи како помошник на Раул Гонзалес со ракометарите, а на негово место кај ракометарките доаѓа Ирина Полторатскаја Дибирова, сопругата на Тимур Дибиров.
Ваквиот расплет РК Вардар го објави на својот клупски сајт.
Ирина Дибирова (37) е некогашна златна репрезентативка на Русија, селекција со која дури три пати станала Светска шампионка (2001, 2005, 2007), два пати вицешампионка на Европа (2006) и бронзен медал на ЕП 2008.
На клупски план, Ирина играла претежно во татковината за екипите Источник од Ростов, Лада Толјати, Звезда Звенигород и данскиот Шлагелсе. Со Шлагелсе и Лада Толјати освоила две круни во Лигата на шампионите во 2005 и 2008 година. Била 5-кратна шампионка на Русија а титула освоила и во Данска. Од трофеи има уште и титула во ЕХФ Купот (2006) и Купот на Куповите(2002)
Откако ја завршила играчката кариера, Ирина Дибирова не била директно инволвирана во ракометот, така што сега за првпат ќе се најде во улогата тренер.
До крајот на групната фаза од ЛЖ, ракометарките на Вардар ќе играат во сабота против Турингер (17:30). „Црвено-црните“ веќе обезбедија пласман во четврфиналето, а за првото место во групата и полесен противник во следната фаза ќе треба да го совладаат Турингер а Ференцварош да загуби дома од Будуќност.