Тренерите на женскиот ракометен клуб Вардар, Јан Питлик и Индира Кастратовиќ отворено зборуваа на денешниот прес, на кој наведоа дека поразот од Ѓер ги изненадил сите во клубот. Следуваше убедлив триумф против австрискиот Хипо, кој не спаѓа во редот на најсилните европски тимови.
„Го познаваме Митјиланд и отприлика знаеме за нивните играчи. После Ѓер ни беше важно да ги вратиме девојките на прав колосек затоа што доживеавме убедлив пораз. Знаеме дека на скандинавските екипи не им е важно дали играат дома или на страна, играат еден брз ракомет на секој терен. Сите девојки се здрави, може да сметаме на сите 18 ракометарки. Нема калкулации, мора да излеземе од натпреварот како победници. Нема да биде лесно, но се надевам и верувам во победа пред нашата публика“, изјави Индира Кастратовиќ пред мечот.
Како човек со огромно искуство во женскиот ракомет, Данецот Јан Питлик одлично го познава данскиот ракомет. Питлик вкупно 15 години, во два наврати ја водеше данската репрезентација и според тоа најмеродавен е да зборува за неделниот меч.
„Со задоволство можам да кажам дека тренирав 7-8 ракометарки кои сега играат во Митјиланд. Ова е скандинавски против балкански стил на игра. Две различни ракометни филозофии. Едвај чекам да се сретнам со овие ракометарки. Во минатото редовно играв против балкански екипи и знам колку им е на скандинавците тешко да играат против балканските екипи особено затоа што овде се игра грубо и цврсто. Бев изненаден затоа што го победија Ѓер на гостински терен, меѓутоа познавајќи го она што ние го имаме, верувам во победа во недела", додаде Јан Питлик.
Една од подобрите актерки на гостувањето против Хипо беше и новото засилување на Вардар, Србинката Сања Дамњановиќ.
„Неделата после мечот со Ѓер беше тешка за нас. Тоа не беше права слика на Вардар, борбеноста не беше на ниво и тешко е да се зборува за тој натпревар. За мене лично натпреварот против Хипо ми значеше за самодовербата иако Хипо е најслаба екипа во групата. Во недела ќе дадеме сè што е потребно да победиме. Како што спомена тренерот Питлик, тие не сакаат груба и цврста игра, така што ќе се обидеме да играме добра одбрана. Неделава гледавме видео со нивните натпревари и сфативме дека одбраната прави разлика", констатираше новата ракометарка на Вардар сезонава, Сања Дамњановиќ.
Митјиланд веќе има две победи во групата, а голем триумф Данките остварија минатиот викенд кога го совладаа Ѓер на гости (21-26). Иако најдобрата ракометарка од лани Грот им замина, тие се посилни од минатата година.
„Грот им замина во Ѓер, меѓутоа Митјиланд има 16 спремни ракометарки кои играат на високо ниво", додаде Кастратовиќ.
Очигледно е дека притисокот врз Вардар кога игра на гости е поголем од оној кога се игра на домашен терен. Пред своја публика секогаш е полесно.
„Ѓер до нашиот меч имаше 10 натпревари, а нам тоа ни беше прв официјален и натпреварувачки меч. Дома секој натпревар мора да го добиеме и ние тој притисок мора да го имаме како позитивна страна", додаде тренерот Кастратовиќ.
Натпреварот се игра во недела од 15:15 часот. Влезници има во продажба на билетарата во СЦ Јане Сандански и изнесуваат 180 за трибини, 400 за ВИП зона и 1000 денари за влезница во ВИП собата. Во сабота ќе се одигра првиот натпревар од групата меѓу Хипо и Ѓер.