Во петочното спектакуларно отворање на 17. игри во Азија, продефилираа 13,000 спортисти од 45 азиски земји.
Селекцијата на Малдиви на Азиските игри ќе се натпреварува во 6 спортови: бадминтон, атлетика, пливање, одбојка на плажа, фудбал и за првпат во нивната историја, ракомет.
Токму ракометарките на Малдиви неславно го отворија натпреварувањето, со пораз од Јапонија од 79:0, резултат кој се смета за најубедлив во историјата на женскиот ракомет. Јапонките на полувремето имаа 40:0, а голманката на Малдиви, Нахида Ахмет не фати ниту еден удар. Дури 11 ракометарки на Јапонија се запишаа во листата на стрелците со 100% прецизност.
„Психолошки лошо влеговме во турнирот, затоа што имавме многу повредени ракометарки. Дури 40% од ракометарките ни се повредени", изјави селекторот на Малдиви Абдула Салим.
Рекордниот пораз на ракометарките на Малдиви дојде по високите порази на фудбалерките од Индија (15:0), од Тајланд (10:0) и од Јужна Кореја (13:0).
Сепак, важно е да се учествува, а тоа го покажаа и пливачките на Малдиви, кои 400 метри слободен стил испливаа за 5 минути. Рекордот во оваа дисциплина го држат Австралијанките, кога на 24.јули 400 метри испливаа за 3 минути и 30 секунди.