Четири порази, едно реми и само една победа. Реален ли е овој исход на твоите репрезентативни колеги на еврошампионатот во Данска?
-Мислам дека по играта што ја прикажаа е реален, а по можностите на нашата селекција не е реален. Знам дека ова не е вистинската Македонија и дека можеме повеќе.
Во Србија го освоивме историското 5-то место, а сега истата генерација на ракометари со двегодишно поголемо искуство на крајот заврши на 10 место. Немавме квалитет да го повториме истиот успех или тоа што се случи на минатото европско беше само изненадување?
-Мислам дека успехот во Србија не беше изненадување, оваа генерација е квалитетна, но нешто не штима внатре во репрезентацијата. Не знам што е работата, како што читам има напаѓања, а тоа не е добро. На крајот ќе излезе дека тоа во Србија било случајно, а не беше така. Пред ова европско се случија и повреди, а тоа беше дополнителен проблем.
По поразот од Исланд Бранко Ангеловски изјави „Прелесно ги даваме местата во репрезентацијата", а капитенот Лазаров во интервју за „Балкан хендбол" вели „Молчиме заради мир во куќата". Како ги коментираш овие случувања?
-Не знам за што точно се работи, разговарав со некои од колегите, но не ми го кажаа проблемот. Мислам дека Прибак и Вугринец не му го земаат лебот на никој, а ние тоа го сфаќаме како на бесилка да не носат и потоа тоа се рефлектира лошо. Кога имаше 20 натурализирани репрезентативци немаше реакции.
Со оглед на тоа што Ракометната федерација има релативно нова раководна структура, а селекцијата нов селектор, дали овие изјави на Ангеловски и Лазаров значат дека проблемите се стари?
-Проблемите ги има 15 години, откако сум јас во репрезентацијата, но се надминувале. Овие напади не знам точно спрема кого се бидејќи не сум таму, но мора да се решат, не може вака да остане, мора да се менува нешто. Мислам дека селекторот не е виновен, со него направивме успех и се пласиравме на европското кога никој не очекуваше од нас.
Зошто работите не се кажуваат отворено пред да се патува на едно вакво важно натпреварување?
-Затоа што јас колку знам некои играчи сакаат да се над РФМ, над репрезентацијата и над се. Не може РФМ да не чини, селекторот да не чини, а дошле пред само пет месеци и сега одма никој не чини. Ракометната структура е нова и мора да и се даде можност. Мора да седнеме и да ги решиме проблемите еднаш засекогаш за да не се влечат понатаму. Ако треба ќе се менуваат генерации само за доброто на Македонија.