Македонската ракометна репрезентација го доживеа дефинитивно најголемиот дебакл на големите натпреварување и се прикажа во најлошото можно светло откако ги гледаме. Египет нè направи попара и нè понижи со 38:19, а на полувреме водеше со 20:6, што беше нешто незамисливо во последниве 12 години откако играме во серија на СП и ЕП.
Ова е второ уште поголемо разочарување на нашите ракометари за 48 часа, кои тотално потфрлија и делуваа како да се отидени на екскурзија во Лешок, а не на Светско. Не е проблемот толку високиот пораз, колку самиот пристап и целосната неорганизација која не сме навикнати да ја гледаме во нашиот табор.
Ништо не фунционираше во селекцијата на Брестовац која евидентно е дека е тотално безидејна во напад и премногу мека во одбрана, а она што загрижува е како да фали и мотивираност за повеќе залагање. Изданието на овие ракометари едноставно беше срамно со дури 16 технички грешки.
Резултатски домаќинот го доби мечот веќе во првото полувреме, најлошо во нашата историја, бидејќи не паметиме кога последен пат сме дале само 6, а сме примиле 20 голови во едно полувреме.
Фијаското почна некаде на средина од првиот дел кога при разултат 10:6, Кузмановски доби црвен картон, можеби престрого, по што Египет нè разби со клучната серија на мечот од 10:0 по што практично тоа беше крај.
Лазаров, Маркоски и Пешевски постигнаа по 3 гола, Мартин Томовски го заврши мечот со 7 одбрани.
Последната шанса за пласман во следна фаза ја имаме против Чиле в понеделник со почеток од 15:30.