Првото историско дерби помеѓу две ракометни екипи од ист град во Лигата на шампионите е на прагот, а на само три дена пред големиот спектакл во „Борис Трајковски" ракометарите почнаа да се пецкаат.
На гостување во тв емисијата „Еден на еден" во која беше заедно со Ванчо Димовски, Стојанче Стоилов рече дека на дерби мечевите не може да го поднесе Филип Миркуловски.
„Ја гледав емисијата и слушнав кога го кажа тоа, но мене искрено ми годеше таа изјава. Кога ќе дојде натпревар за македонската репрезентација, Стојанче да знае дека ќе добива помалку топки од мене", ни кажа низ шега Миркуловски кој за Офф.нет рече и дека не гледа ништо страшно во изјавата на Стоилов со кого тврди дека е во добри односи надвор од теренот.
Освен голема неизвеност и ривалство, дербито помеѓу Вардар и Металург во домашната лига досега секогаш носеше и многу искри кои на крајот завршуваа со инциденти, но Миркуловски очекува дека овојпат ќе се игра на поинакво ниво.
„Дербито се префрли на европски план и мислам дека нема да биде како во македонската лига. Очекувам поголем спектакл и натпревар без кошкање. Тука нема посилен или послаб, се работи за "ден" и мотивација. Вардар сезонава се засили повеќе од нас со 7-8 играчи, но ние го задржавме костурот на екипата. Дојде Атман и мислам дека сме изедначени во квалитетот. На дербито нека победи подобриот", вели Миркуловски.
Борбениот среден бек кој се жртвува за секоја топка на теренот, рече дека му е многу жал што нема да биде дел од првото соочување со Вардар во Лигата на шампионите, но тој е во тренажен процес и се надева дека ќе биде фит за реваншот на 24 ноември.
До осминафинале Миркуловски смета дека најблиску ќе биде оној што ќе ги добие и двата дерби дуела, а за македонскиот ракомет рече дека би било одлично да се пласираат и двете екипи затоа што го заслужуваат тоа.