Лига на шампиони

Металург потклекна пред Чеховски Медведи

Рускиот состав успеа да му се реваншира на Металург кој пред десетина дена славеше на гости. Вечерва во „Борис Трајковски“ 26-29 (12-17) за Чеховски Медведи. Следен предизвик на момците на Јовиќ е лидерот Монпелје на 12-ти месецов.

После пет порази на пет меча во серија, Чеховски Медведи се израдуваа на првата победа, во Скопје против Металург во 6. коло од групата Д.

Металург сега има три порази во групата.

Самиот почеток на мечот не ветуваше ништо. Металурзите цели седум минути беа без постигнат гол, а во намерата да го најдат патот до противничката мрежа не им помогна ни нападот со седум играчи, поставеност која на Чеховски Медведи му овозможи да даде три гола набрзина па после десетина минути да води и со 1-5.

Капитенот и репрезентативец Филип Кузмановски од пенал намали на 2-5 а веднаш потоа Павленко му одбрани втор шут од седмерецот што ги деморализираше неговите соиграчи па Русите после 13. минути водеа со 2-7. Металург го топеше дефицитот но не ги намали грешките во додавањата па Чеховски Медведи одново отидоа на високи +6 (7-13).

Тренерот Јовиќ реагираше со смена на голот па Томовски влезе место Дарко Арсиќ кој буквално имаше само една одбрана за дваесетина минути. Томовски внесе живост во играта со две сигурни интервенции па Металург се врати на 10-13. Но соиграчите од нападот пред се индиспонираниот Мартин Велковски кој заработи исклучување не беа на нивото па гостинот на полувреме отиде со 12-17.

Ништо подобро не почна ни вториот дел кога Русите додаваа гас, го засилија ритамот и на крајот заслушени славеа.

Најефикасен во домашниот состав беше Божо Анѓелиќ со пет гола, а по четири запишаа Пешевски, Давор Павлевски и Гуглета. Томовски докажа дека е во добра форма со осум одбрани. Кај гостите Дмитри Санталов кој беше играч на мечот даде седум гола а Павел Анреев шест. Нивниот голман Дмитри Павленко се прослави со 15 одбрани.

Во следната рунда од групата Д, Металург на 12 ноември дома во Скопје ќе и гра против лидерот на групата Монпелје кој има максимални 12 бода. Тоа ќе биде најтежок предизвик за тимот од Автокоманда.

Табела: Монпелје – 12 бода (6 меча), Мотор – 8 (6), Бешикташ – 5 (6), Металург – 5 (6), Спортинг – 4 (6), Чеховски медведи – 2 (6).