По големата негатива од 10 гола предност од првиот дуел од Скопје, ракометарите на Пик Сегед веднаш тргнаа во офанзива и по првите 2 минути имаа предност од 2:0. Во првите 5 минути од средбата Металург не можеше да дојде до обид за удар, а исто како во „Борис Трајковски" првиот гол го постигна Ренато Вугринец.
Мрежите мируваа во наредните 5 минути од средбата, а резултатот на 2:2 го израмни Атман. Тоа беше единствениот момент на мечот кога беше реми. Следеше серија од 3:0 за Унгарците и од тогаш тие постојано го контролираа резултатот. Најголемото водство од 7:3 го имаа во 20 минута.
Првиот дел кој заврши 11:7 заврши релативно неефикасно, а до крајот на воведните 30 минути мрежата на гостите на два пати ја затресе Мојсоски и по еднаш Миркуловски и Манасков.
Стартните 2 минути по паузата минаа идентично како на почетокот од мечот и со 2 гола кои домаќините ги постигнаа набрзина имаа најголема предност од +6. Но тоа не беше причина за грижа во таборот на Металург затоа што ракометарите на Пиг Сегед не можеа да се одлепат резултатски и ниту да го задржат солидното водство.
Најзаслужен за тоа беше извонредниот Дарко Станиќ кој со своите 13 одбрани од кои 3 "живи" топки, ги демотивираше противничките ракометари, а искусниот Ренато Вугринец се покажа како одличен пеналџија и ги искористи сите три удари од седум метри.
Во историскиот реванш дуел по кој го добивме вториот претставник во елитната Лига на шампиони, најпрецизен во тимот од Автокоманда беше Павел Атман со 5, а Ренато Вугринец постигна 4 погодоци.