За пласман на Светското ракометно првенство кое ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка и за продолжување на нашата убава ракометна јануарска традиција, Македонија ќе треба да мине двомеч со Фарски Острови.
Се работи за селекција која заврши последна во Д групата на Европското првенство, но која изненади со прогресот и брзата игра. Извади изненадувачко реми против фаворитот Норвешка и тоа како дебитант на турнирот.
Нашиот најискусен член во таборот на репрезентацијата, Никола Митревски, признава дека не ги посакувале за противници.
„Добивме еден од помалку посакуваните противници во баражот. И покрај ова ние ќе влеземе како фаворити и тоа треба да го искористиме. Фарски Острови е селекција која е во подем, играат брз ракомет, има играчи кои играат во Бундеслигата и нивната игра се темели на квалитетите на тие играчи. Доколку бевме од другата во ждрепката и го добиевме овој противник, секако дека ќе бевме задоволни. Треба да се подготвиме за нив и да го продолжиме континуитетот на пласман на големите натпреварувања", рече Митревски.
Шансите според селекторот Кире Лазаров ни се 50-50.
„Добивме квалитетен противник кој со квалитетот на играта направи проблеми на сериозни европски селекции на последното Европското првенство. Имаат огромен напредок во сите ракометни категории во последните три-четири години. Неатрактивна ракометна национална селекција, но многу квалитетна. Имаме време добро да се подготвиме за бараж натпреварот. Очекувам неизвесен дуел на двата натпревари. Имаме подеднакви шанси за пласман на СП 2025”, изјави Лазаров.
Првиот натпревар го играме на 8/9 мај во Торшван, додека реваншот е во Скопје на 11/12 мај.