Не се бришат слатките спомени од Европското првенство кај нашиот северен сосед каде не прекрстија во домаќини. Предводени од Ѕвонко Шундовски и бодрени од илјадници навивачи нашите ракометари го остварија највисокиот пласман во историјата.
Неделниот меч против домаќинот Данска не потсетува на болниот пораз со гол во последната секунда кој ни го сруши сонот за сензационално полуфинале. Одмаздата ќе биде тешка за остварување, но повторно ќе биде предизвик да се гледа двобојот помеѓу двајцата најдобри бекови во светот Микел Хансен и Кире Лазаров.
Нашиот капитен кој со потписот во Барселона си го исполни сонот и потпиша за еден од најдобрите светски ракометни екипи, „Handball-Planet" го претстави како една од најголеми ѕвезди кои ќе настапат на Европското во Данска. Лазаров на ова натпреварување влегува и како најдобар стрелец од минатиот шампион каде постигна 61 гол.
Селекторот Ивица Обрван не располага со целиот планиран состав и ќе ги нема повредените Наумче Мојсоски и Филип Лазаров, потоа натурализираниот Македонец Ренато Вугринец кој не доби дозвола за настап од ЕХФ, а Немања Прибак ќе го видиме во вториот круг.
Според светската обложувалница „bwin" домаќините кои се и актуелни освојувачи на првенството се фаворити со коефициент 2.75. Втора е Шпанија со 3.75, а Франција и Хрватска ја делат третата позиција според шансите.
Македонскиот национален тим е на делба од 10 до 13-та позиција заедно со Црна Гора, Русија и Чешка за кои коефициентот за освојување на првото место изнесува 101.
Натпреварите од првата групна фаза Македонија ќе ги игра во салата „Јиске Банк Боксен" во Хернинг која е најголема со капацитет од 14.000 седишта, а за првите трети места кои носат пласман во вториот круг ќе се бориме против Данска, Чешка и Австрија.