Португалците први поведоа на мечот, но тоа беше единствената нивна предност. Македонија набрзина направи предност и постојано водеше од 2 гола разлика. Гостите се обидоа да ни создадат криза на 7 минути до крајот, но по тајм аутот на Ивица Обрван нашите ракоматри влегоа во одлична серија.
Најпрвин Филип Миркуловски постигна атрактивен гол со освртување и тоа во пад од тешка позиција, потоа од контра во вистинскиот момент погоди и Темелков, а најпрецизен во првите 30 минути беше капитенот Лазаров кој постигна 6 гола и сето ова придонесе за највисоки 5 гола предност. Португалците погодија во финишот и резултатот на полувреме беше 14:10.
Второто полувреме повторно мина во знакот на нашите репрезентативци кои играа мотивирано и ја одржуваа предноста. Според пристапот и сериозноста со која влегоа во мечот избраниците на Обрван во ниту еден момент не се сомневавме дека ќе ни "избега" пласманот на Европското првенство во Данска.
Предноста од финишот на првото полувреме од 5 гола разлика нашите јунаци повторно ја остварија на 5 минути до крајот, а Кире Лазаров си дозволи и мала атракција за публиката во „Борис Трајковски" со несекојдневен прецизен лоб удар од пенал.
Најзаслужни за триумфот на македонската репрезентација беа Кире Лазаров кој не промаши ниту еден пенал и беше најпрецизен со 9 гола, а Борко Ристовски пружи фантастична партија со 12 одбрани.
Македонија во јануари идната година во Данска има задача да го одбрани историското 5-то место од Европско првенство кое се играше минатата година во соседна Србија.
Вечерашниот триумф над Португалија ќе остане запаметен и по повлекувањето на ветеранот Стевче Алушевски кој ги бранеше боите на репрезентацијата уште од првиот натпревар по освојувањето на Македонија кој се играше во 1992 година.