Индира Кастратовиќ влегува во Куќата на славните, како второ ракометно име од Македонија. Првиот е Кире Лазаров.
Влезот во елитното друштво официјално ќе се случи на 14 декември, во пресрет на финалето од Европското првенство за жени на кое учествуваше и Македонија.
Во Куќата на славните ќе влезат 7 ракометарки и 14 ракометари, кои ќе им се приклучат на повеќе од 50 легенди кои беа први примени во јуни минатата година.
Уште две познати имиња кои станаа европски прваци со македонски клубови се најдоа на списокот. Тоа се романската голманка Луминица Хуцупан Дину, која со Индира се качија на тронот во 2002-ра, како и Иван Чупиќ.
Од останатите, има уште ред други звучни имиња како Ања Андерсен, Никола Карабатиќ, Микел Хансен, Игор Вори...
Индира Кастровиќ е синоним за женски ракомет во Македонија, која доминираше со Кометал Ѓорче Петров со 12 титули и 12 Купови и тоа сите по ред во периодот 1995-2006.
Круната на кариерата и и се случи на незаборавниот 19 мај 2002-ра, во ракометниот храм „Под Кале“, каде се вивна на европскиот пиадестал.
Неповторливата генерација на Кометал, кој во тоа време примаше богати финансиски инјекции од Трифун Костовски, во финалето од ЛШ го совлада Херц со 26:22, анулирајќи ја негативата од првиот меч во Унгарија кој го загуби со 27:25.
22 години подоцна, тој успех е сè уште најголем во македонскиот женски ракомет, кој инаку се повтори во машка конкуренција и со Вардар (2017 и 2019).
Кометал одигра уште две финалиња во ЛШ во 2000-та и 2005-та, а до таму стигна и ЖРК Вардар (2017 и 2018).
Со Индира е поврзан и најголемиот успех на женската ракометна репрезентација, кога македонскиот амбасадор во Германија и подари 71 ружа.
Се однесуваат на фасцинантните 71 гол кои ги постигна на Светското првенство 1997 во Германија, бројка со која стана стрелец број 1 на тој Мундијал, а Македонија заврши на историското седмо место.
Кастратовиќ како тренер на ЖРК Вардар има по 3 титули во првенството и Купот на Македонија (2013-2015).
🏅New legends of the game inducted into ✨#EHF 𝐇𝐚𝐥𝐥 𝐨𝐟 𝐅𝐚𝐦𝐞✨
— European Handball Federation (@EHF_Activities) December 4, 2024
2⃣1⃣ former handball players will be honoured at the #EHFExcellenceAwards gala on 14 December in Vienna, for their outstanding achievements and contribution to European #handball!👏🏻👏🏻👏🏻 pic.twitter.com/XNvXRBcHhb