„Ракометниот ас е роден. На големи мечеви се познаваат вистинските играчи“, вели во преносот легендарниот Златко Калински за легендата во формирање.
Само ќе потсетиме дека сме 2020-та, Кире игра уште на ниво и на 10 мај ќе наполни 40 години, а решетал во ЛШ и минатиот век и милениум.
Првата снимка е од сезоната 1998/1999 кога Пелистер го пречекал Ковопетрол Плзен. Битолчани го совладале чешкиот првак 30:27, а 18 годишниот Кире Лазаров експлодирал со 11 погодоци.
Уште на тие години се наметнувал како лидер на тимот, препознатлив со неговите сигурни седмерци, но пред сè проектили од 9 метри. Кире растура од сите позиции и ја фрла во транс салата Младост која го скандира неговото име.
Пелистер е вториот тим во неговата кариера каде играше три години (1997 - 2000) и потоа замина во Загреб. Прв му е Борец. На второто видео можете да го видите неговото деби за велешкиот тим и тоа на 15 години во ЛШ.
Се работи за средна против Динамо Букурешт на која Борец славел убедливо со 27:18. Кире тука игра како десно крило.
Така почнал човекот кој 25 години игра во Лига на шампиони и стана прв ракометар на планетава со над 1.000 голови во ова натпреварување.
Ова се фотографии од неговите денови во Пелистер во друштво на Стевче Алушевски, Петар Ангелов, Владимир Темелков и Лазо Мајнов со кои го освои историското 11-то место на Светското првенство во Хрватска 2009.