Исланд се спаси од пораз на 3 секунди до крај

Македонската ракометна репрезентација освои важен бод на вториот меч против незгодниот скандинавски противник со што ја задржа челната позиција во квалификациската група за ЕП 2020. Повторно драма, но во оваа за влакно ни избега победа.

Исто како и пред пет дена во Рејкјавик, така и во Скопје се остварија очекувањата дека повторно ќе гледаме многу тежок и неизвесен натпревар во кој ќе решаваат нијанси.

Тоа го најави и капитенот Кире Лазаров, свесен дека Исланд сепак е респектабилна репрезентација која според квалитетот е во топ 10 во Европа.

Македонија беше многу блиску до уште една голема победа против силниот противник, но гостите во драматичната завржница успеаа да го искористат последниот напад и да стигнат до конечни 24:24. Брестовац свика тајм аут, но 3 секунди беа премалку за да се организира напад.

Нашиот национален тим имаше негатива од 10:11 по првиот дел, а првото водство на мечот го имаше во 17-та минута. Ниту една од двете селекции не успеваше да се одлепи повеќе од +2.

И на почеток од второто полувреме гостите го диктираа резултатот и овој пат стигаа до непријатени +3 (12:15). Но на 15 минути до крај, нашите со помош на капитенот се изборија за пресврт и поведоа со 19:18.

Од тогаш може слободно да се рече дека почна драмата. Македонија имаше шанса и за повисока предност, но не ја искористи приликата. Во последните 5 минути Исланѓаните го израмнија резултатот по кој паднаа уште по два гола на двете страни.

Одлична партија во нашиот национален тим имаа Лазаров со 8 гола и Борско Ристовски со 12 интервенции, а Манасков и Талески постигнаа по 4 гола.

Македонија квалификациите ги продолжува во јуни кога гостува кај репрезентацијата на Турција, а потоа во последното коло ја пречекува Грција.