До вечерашниот меч, ракометарите на Вардар на пет гостувања во Полска имаа дури пет порази и сега може да се каже дека е скршен мразот на ракометните паркети во оваа земја.
Како и лани кога се трасираше патот до европската титула, така и сега, Вардарци играа одличен ракомет со мал број падови кои знаеше да ги „брише“ Арпад Штербик со неколку луцидни одбрани.
Од стартот македонскиот првак поведе преку Даинис Кристопанс, летонскиот гигант висок 213 см кој летово потпиша со „црвено-црните“.
Тој гол на летонскиот горостас значеше и палење на вардаровата машина. По десет минути игра во „Орлен Арена“ Скопјани водеа 2-5, набрзо и 3-6. Во тој момент момците кои лани во Келн се радуваа на историскиот пехар како да имаа пад во концентрацијата а Висла тоа го казни и се врати на само -1 гол негатива (5-6).
Мудро Вардар ја сочека приликата кога домаќинот почна да греши па со погодоците на Вуку Борозан и Тимур Дибиров отиде да се одмори со предност 13-9.
Со почетокот на вториот дел почна и домашниот голман Марсин Вихари да брани лудо па Полјаците брзо израмнија на 15-15. Освен што израмнија, ракометарите на полскиот шампион имаа и три напади за водство но Штербик покажа зошто е лидер на европскиот шампион и бранеше одлично.
На пет-шест минути до крајот, со одлична игра Вардар ја врати предноста од четири гола, но Висла повторно како тврд орев не се даваше и во самиот финиш се врати на два гола негатива (22-20). Тогаш работата во свои раце ја презеде Вуко Борозан кој потигна еврогол преку тројца одбранбени играчи на Висла а на самиот крај Дибиров и Шишкарев ги поставија конечните 26-22.
Прв стрелец на мечот беше Дашек од Висла со шест погодоци а Вуко Борозан даде најмногу голови кај Вардарци, вкупно пет. Новајлијата Кристопанс даде четири а Штерпик забележа десет интервенции од кои дури девет во второто.