Ракометарките на Вардар ја остварија и деветтата победа во Лигата на шампионите, откако попладнево во Скопје со 31-24 (19-8) го совладаа Будуќност. Избраничките на Ирена Дибирова останаа лидер во групата 2 од главната фаза на ЛШ. Имаат 14 бода и неверојатна гол разлика од 45+.
Очекувано, резултатската неизвесност траеше само во почетните минути кога Вардарки ја мереа силата на гостинките, а веќе по 10. минута тргна налетот.
Највисоко водство домаќинките имаа на половина од првиот дел кога водеа 11-4, а на паузата се замина со 19:8 и прашањето на победникот веќе беше јасно. А и Будуќност сезонава не е тој што беше во претходните години кога играше на Фајнал Фор.
Во вториот дел Црногорките макар за момент ја намалија предноста на Вардар, посебно во периодот кога на паркетот имаше ракометарки кои помалку добиваа шанса сезонава кај Дибирова.
По враќањето во игра на водечките ракометарки Вардар се одлепи одново на двоцифрена предност а присутната публика уживаше во врвниот ракомет. На крајот конечни 31-24 за ЖРК Вардар, триумф кој доаѓа по најавата на управата дека драстично ќе го смени курсот од следната сезона и дека главните ракометарки ќе добијат одврзани раце во изборот на нова средина.
Во следното коло на 25. февруари Вардар ќе има нешто потежок натпревар, гостување во Франција кај Мец.
Вардар - Будуќност 31-24 (19-8)
ВАРДАР: Лејно (15 одбрани), Суслина, Радичевиќ 3, Кликовац, Саздовска, Кузнецова 4, Бајрамовска, Лазовиќ 1, Пенезиќ 8, Чанаџија 3, Лакрабер 2, Хмирова 1, Цвијиќ 4, Лекиќ 2, Петровиќ 2, Ристовска 1.