Два дена по завршување на настапите на македонската ракометна репрезентација на Мундијалот во Египет, РФМ го отпушти Данило Брестовац за што се произнесе преку соопштение.
„Ракометната Федерација на Македонија би сакала да ја извести јавноста дека македонската куќа на ракометот и г. Данило Брестовац, на 26 јануари 2021 г., взаемно се спогодија да ја прекинат соработката околу ангажманот на машките ракометни сениори“.
Брестовац стана селектор на Македонија во март 2019-та како наследник на Раул Гонзалес со договор до јуни 2022 година. Но слабите резултати на последните две големи напреварувања си го земаа данокот.
На последното Европско првенство 2020, Македонија беше елиминирана уште во првата фаза во која загуби од Чешка и Австрија, а едвај ја доби Украина со гол на Кире Лазаров во последна секунда.
Светското пак во Египет беше најголемиот очај и срам во историјата на нашиот репрезентативен ракомет. Македонија си замина со пет порази, од кои четири со двоцифрен број на голови и само една победа против Чиле. Тоа и го донесе на Македонија до сега најслабиот пласман на 23-та позиција.
РФМ нема многу време за назначување на нов селектор, бидејќи Македонија веќе во март ги продолжува квалификациите за ЕП 2022 и тоа со два меча против Данска. По првите две кола имаме две победи, против Финска дома и со Швајцарија на гости.