Борко Ристовски одговараше на прашања за три познати славни спортисти, од кои двајца му беа колеги во ракометната репрезентација.
Кон првите луѓе на КФМ и АМС беше директен и критички настроен, посебно кон Антиќ кој смета дека претставува девијација за македонското општество, а кон капитенот и селектор на Македонија остана воздржан и без коментар за до сега сработеното.
Се чувствуваш ли запоставен што не си дел од репрезентацијата?
Воопшто не се чувствувам. Јас можеби дваесетина бев дел од неа, растев како човек, растевме сите заедно низ многу неуспеси, стигнавме до ниво кое е доста високо за овие балкански простори. Ја израдувавме нацијата и успеавме да направиме успех кој е историски за нас како држава и мислам дека ситуацијата во репрезентацијата сега е таква каква што е. Не ми е криво што не сум таму бидејќи има доста квалитетни млади голмани кои заслужуваат да бидат таму. За начинот на кој не сум дел од таа репрезентација е сосема друга работа и кога ќе дојде време ќе зборувам поконкретно, бидејќи јас сум човек што зборува директно и отворено. Мислам дека во интерес на самата репрезентација не е моментот сега да зборуваме за тоа.
Дали можеби не сте повеќе добри пријатели со Кире Лазаров, па тоа е една од причините?
Па не. Пријателството наше нема никаква врска дали јас сум со репрезентацијата или не. Од моја страна можам да кажам дека сум секогаш коректен, чесен и отворен и никогаш сум немал задни намери. Дали другата страна се однесувала така не можам да судам, туку времето ќе покаже. Што се однесува до мене зла крв нема.
Што мислиш за Кире како селектор?
Сè уште е рано да се даваат оценки. Мислам дека ова е само почеток. Со неговото име и реноме ја заслужува шансата да биде селектор, но дали ќе биде успешен исто како што беше играч, останува времето да покаже. Тоа се две сосема две различни работи.
Зошто те изнервира толку Перо Антиќ?
Воопшто не ме изнервира. Како спортист премногу го почитувам. Лично немам ништо против него, туку против тоа што тој го претставува. Со Перо имам и контакт, чисто спортски сме се поздравувале. Но мојата цел во спортот не е по секоја цена да создавам пријатели, туку да го исчистиме од сите негативни девијации кои се случуваат. За жал Перо е една од тие девијации кои му се случуваат на македонското општество и спортот. Се додека се бави со јавна функција треба да биде свесен дека ќе биде подложен на јавна критика. Се додека ги прави сите оние работи кои веќе цела јавност ги знае ќе биде подложен на критика. Кога ќе престане да работи и да биде дел од спортот, неговиот личен живот си е негов проблем, но сега претставува федерација, идол на деца. Пак ќе кажам дека го почитувам како спортист, но ужасно си ја работи својата работа и ужасно го претставува спортот кај младината.
На Наумче Мојсоски кој е директор на Агенцијата за млади и спорт му порача што побрзо да се разбуди од сонот и да работи во интерес на спортот и спортистите.