Беља работа за Кире, Македонија има пет позитивни на Ковид

Македонската ракометна репрезентација во четврток ги стартува настапите на ЕП 2022 кое се игра во Унгарија и Словачка. Но во очи на првенството се соочува со проблеми.

Хаосот со новиот бран на коронавирус мина и низ ракометарите кои денеска патуваат за Дебрецин, а во четврток го играат првиот меч против Словенија.

РФМ доцна синоќа соопшти дека петмина играчи се позитивни на Ковид на последното задолжително тестирање, наложено од ЕХФ.

Тоа значи дека тие нема да патуваат за Унгарија и ќе мора да останат во изолација, а на репрезентацијата би можеле да и се приклучат со два негативни теста на последниот дуел од групната фаза против Данска.

Имињата на заразените ракометари за сега не се познати. Соопштението ви го пренесуваме во целост:

Почитувани,

Во рамки на подготовките за претстојното ЕП 2022 (Унгарија - Словачка) македонските репрезентативци утре наутро ќе го одработат последниот тренинг пред заминување во Дебрецин.

Во текот на подготовките согласно протоколарниот режим на тестирање одреден од Европската Ракометна Федерација, беа извршени ковид ПЦР тестирања на 4ти и 7ми и 10ти јануари.

Според резултатите од денешните ПЦР тестирања направени во овластена лабораторија за сите членови на таборот на Ракометната федерација на Македонија, кај 5 (пет) претставници кои утре требаше да заминат на Европското ракометно првенство 2022, детектиран е вирусот SARS-CoV- 2 (Covid-19).

Македонската ракометна репрезентација утре во 14:10 часот попладне заминува за Дебрецин - Унгарија , а првиот меч од групната фаза нашите машки сениори ќе го одиграат на 13 јануари (четврток) во 18:00 часот против репрезентацијата на Словенија.

Со почит,

Ракометна Федерација на Македонија

Инаку Македонија требаше да одигра два контролни меча против Израел на 3 и 4 јануари, но вториот беше одложен порази три позитивни случаи кај Израелците. 

11 јануари 2022 - 08:14